/ Прочитано:

791

АЕТМ во соработка со ГИЗ ќе гради регионална платформа за поддршка на бизнисите

По успешно лансираната платформа Ecommerce4All.mk за македонскиот пазар, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија со поддршка Отворениот регионален фонд за надворешна трговија – регионален проект имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ), ќе ја развива и шири платформата регионално, правејќи ја достапна за земјите од ЦЕФТА регионот. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во 2020 година ја лансираше платформата Еcommerce4all.mk која претставува центар со информации и ресурси за водење на бизнис со е-трговија за сите постојни и нови е-трговци во Северна Македонија. Платформата беше развиена како дел од проектот “Е-трговија за сите” поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, а сега истата ќе се проширува за сите земји од ЦЕФТА регионот, односно Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдaвија, покрај Северна Македонија.

“Секогаш кога работата е препознаена тоа претставува мотивација за уште подобра работа и понатамошен придонес за развој на е-трговијата. Драго ни е што нашата работа беше препознаена од GIZ и што ќе имаме можност да ја шириме платформата “Ecommerce4All” регионално. Со 18 милиони популација и проценета вредност од 1 милијарда евра во е-трговија, ЦЕФТА регионот содржи голем потенцијал за раст и ширење на компаниите со е-трговија. Платформата ќе претставува практично центар со ресурси и информации за клучните аспекти во е-трговија за сите земји (генерални информации за состојбата со е-трговијата, регулативата, доставата и е-плаќањата). Истата ќе може да им служи на сите компании локално за водење бизнис со е-трговија во нивната земја, но уште поважно ќе може да им служи при нивните планови за ширење во другите ЦЕФТА земји. Овој проект носи голем потенцијал за придонесување кон развојот на преку-граничната е-трговија, а драго ни е што во рамки на проектот ќе имаме прилика да ја зајаканеме соработката и со Асоцијациите за е-трговија во земјите каде се формирани, како и да поттикнеме формирање на нови Асоцијации во ЦЕФТА каде што не постојат, кои ќе ја претставуваат е-трговијата во нивните земји.” – вели д-р Нина Ангеловска, Претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Преку имплементацијата на оваа регионална платформа, е-трговците од ЦЕФТА регионот, кои планираат да ги прошират своите бизниси со е-трговија надвор од границите на својата земја во претстојните години, ќе имаат на располагање унифицирана точка од каде ќе имаат можност ги обезбедат сите неопходни, релевантни и доверливи информации поврзани со е-трговијата во регионот. Платформата ќе биде достапна на локалниот јазик за секоја земја, а за сите земји ќе биде достапна и на англиски јазик.

“Ни претставува задоволство да соработуваме со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија со цел ја прошириме успешната платформа “Е-трговија за сите” регионално. Цврсто веруваме дека транспарентните и релевантни информации ќе имаат значаен придонес за понатамошен развој на е-трговијата во регионот, која е всушност новата движечка сила во регионалната трговија.” – додава Флориан Брутинг, Раководител за проектот за е-трговија во GIZ.

Проектот “Регионална платформа Е-трговија за сите” ќе се имплементира во три фази. Регионалната платформа ќе се состои од четири модули, од кои првите три модули ќе ги покриваат клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија, како што се правната регулатива за е-трговија, плаќање и испорака. Овие модули ќе бидат проследени со еден дополнителен модул – успешни приказни. Секој од овие модули ќе содржи релевантни информации специфични за земјата, упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видео презентации. Развојот на модулите ќе биде прилагоден на секоја од 7-те земји на ЦЕФТА регионот во зависност од ресурсите и можностите за реализација на секој модул. Покрај четирите модули, ќе биде развиен еден основен почетен модул кој ќе ја презентира состојбата на е-трговијата преку статистика и податоци за развојот на пазарот на е-трговија (интерактивни графикони за состојбата на е-трговијата во секоја земја и споредби на пр. на е-купувачи, платежни картички, дигитални вештини, UNCTAD B2C индекс за подготвеност за е-трговија и други релевантни податоци на Еуростат).