/ Прочитано:

1.237

Агенцијата за администрација во годишниот извештај нотира низа проблеми

Годишниот извештај на Агенцијата за администрација е пред пратениците.

Во извештајот на Агенцијата се посочува дека комисиите за селекција на кандидати и Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, при спроведувањето на постапките коишто се во нивна надлежност продолжуваат да се соочуваат со низа проблеми поради нејасни и непрецизни одредби од Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, односно колизијата на посебните закони и нивните подзаконски акти и колективните договори со Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и подзаконските акти кои произлегуваат од овие закони.

Одредени институции од јавниот сектор, и покрај доставените известувања, не доставуваат законски комплетирани барања за објавување на јавен оглас, што резултираше со запирање на постапките од причина што институциите не одговараат на процедуралните барања и со тоа покажуваат дека не се заинтересирани за продолжување на постапката или барањата ги докомплетираат во рокови кои се по истекот од законски пропишаните. Поради тоа што ваквите дејствија на институциите ја загрозуваат легитимноста на постапките за вработување, Агенцијата во согласност со закон ќе употреби правни механизми со кои ќе постапува исклучиво по комплетни барања за објавување на јавен оглас.

Во институциите од јавниот сектор генерално има подобрување во однос на  обученоста на административните службеници кои ги спроведуваат постапките за вработување, но сепак недоволно, посебно при спроведување на годишниот план за вработување во делот на правична застапеност по припадност на заедница („балансер“), препознавање на предвидени работни места во годишни планови и усогласување на актите за систематизација на работните места со Законот за административни службеници и другите посебни закони, поради што голем број од истите се одбиени.

Во постапката за селекција за вработување на административни службеници, бројот на неуредни кандидати сѐ уште е поголем од бројот на уредни кандидати, што укажува на фактот на недоволен степен на должно внимание и обѕир од страна на кандидатите кон процесот на вработување и стекнување со статус на административен службеник, од една страна, и оправдано погрешната перцепција за исполнување на условите за вработување, посебно во делот на степен и вид на образование заради комплицираната и нелогична класификација на научноистражувачките подрачја, полиња и области според меѓународната Фраскатиева класификација, од друга страна.

Податоците од овој извештај што упатуваат на број на извршители за кои се донесени одлуки за избор по основ на припадност на заедница не се реални поради тоа што голем број на кандидати при аплицирањето на јавните огласи ја усогласуваа својата определба за припадност на заедница според барањата предвидени во истите. Поради тоа, Агенцијата, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, ќе преземе мерки за надминување на оваа состојба, а кои ќе бидат во согласност со Уставот и позитивните законски прописи.

Во постапката за селекција за вработување на административни службеници од страна на институциите во јавниот сектор се практикува користењето на процесната алатка „барање за запирање на постапката“, иако во материјалните закони нема јасна дефиниција за условите и времето за користење на истата, односно не постои јасно разграничување на управноправната од граѓанскоправната работа. Имајќи предвид дека барањето за објавување на јавен оглас е право на институцијата, а објавата на истиот е обврска на Агенцијата, институциите од јавниот сектор како носители на правото на постапката го користат правото на барање на запирање на постапката дефинирано во Законот за општа управна постапка.

Заради обезбедување на периодична и извештајна следливост на податоците за спроведување на постапките за вработување на административни службеници, Агенцијата ќе го ограничи приемот на барања за објавување на јавен оглас за тековната календарска година, во согласност со соодветниот годишен план за вработување, на најмалку пет дена пред истекот на тековната календарска година.

Одредени првостепени органи благовремено не ги доставуваа потребните дополнителни податоци, неопходни за правилно одлучување по жалбите/приговорите на административните службеници, што влијаеше врз одолговлекување на постапката за одлучување по жалби и приговори на административните службеници. Поради тоа, преку интервенција во Деловникот за работа на Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен ќе се дефинираат правни дејствија кои ќе влијаат на течењето на роковите за постапување.

Агенцијата не беше во можност да направи квалитативна анализа на донесените одлуки по жалбите/приговорите на административните службеници коишто покренале постапка пред надлежните судови за заштита на своите права од работен однос, поради тоа што Државното правобранителство на Република Северна Македонија редовно не ги доставува правосилните одлуки на надлежните судови по заведените судски предмети против споменатите одлуки.

М.В