/ Прочитано:

9.472

Агенцијата за вработување информираше за новините и примената на Законот за материјално обезбедување на стечајците

Агенцијата за вработување денеска на прес-конференција информираше за примената на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.

Во Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, со ова законско решение се уредуваат условите за стекнување и начинот на користење право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни 2017 година, а кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година, во претпријатијата со доминантна сопственост на државата (во натамошниот текст: невработено лице).

Како што информираа директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска и претседателката на Здружението УНИТ, Лилјана Георгиевска, со Законот за стечајните работници кој неодамна го донесе Собранието на Република Македонија се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 7.596 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година. Годишно за таа намена од Буџетот на АВРМ ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.

Надоместот може да го користат невработени на возраст од најмалку 52 години (жени) и 55 години (мажи) со најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава.

Лицата треба да имаат остварено право на паричен надомест по 1 јануари 1995 година, а по остварувањето на правото на паричен надомест да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја и вина.

Директорката на Агенцијата за вработување информираше дека до Агенцијата за вработување до денес се пристигнати 816 барања од стечајни работници за исплата на надоместок во согласност со неодамна донесениот Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна државна сопственост. Досега не е донесено ниту едно решение, бидејќи сè уште е во тек аплицирањето.

Рокот за поднесување на барањата, образложи директорката Јовановска, е една година, а барањата се поднесуваат електронски. Стечајните работници треба да понесат само лична карта за идентификација, а другите документи Агенцијата ќе ги обезбеди по службена должност. Доколку барањето не може да се поднесе електронски, стечајните работници тоа може да го сторат во архивата на центрите за вработување.

„Олеснување во овој закон е тоа што не е потребно стажот да биде платен. Доволно е лицата да биле во работен однос, односно како доказ во прилог на барањето се само обрасците М1 и М2 “, истакна Јовановска.

На прес-конференцијата, присуствуваше и претседателката на Здружението на стечајни работници УНИТ.

Според Лилјана Ѓорѓиевска, претседателката на Здружението на стечајни работници УНИТ, околу 300 до 400 стечајни работници на ниво на државата не ги исполнуваат условите за добивање надоместок, односно немаат доволно години работен стаж. Тоа е најголем проблем , нагласи Ѓорѓиевска, затоа што знаеме дека раната транзиција од 90-тите години на некои не им дозволи да имаат 15 години работен стаж во државна фирма. Се бара решение, нагласи претседателката на Здружението на стечајни работници УНИТ, и овие лица да бидат обесштетени.

М.В