/ Прочитано:

1.970

Ајдари избран за нов уставен судија, а Илиевски и Солев за нови членови на Советот на јавни обвинители

Собранието на Република Македонија го избра државниот правобранител Насер Ајдари за нов уставен судија, а поранешниот судија Ангел Солев и адвокатот Ангеле Илиевски за нови членови на Советот на јавни обвинители.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

Советот на јавните обвинители е самостоен орган кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција.

Советот, се пропишува во Законот за Советот на јавни обвинители,  е составен од 11 члена, од кои:

– по функција член на Советот е јавниот обвинител на Република Македонија,

– еден член на Советот избираат јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, од своите редови,

– по еден член на Советот избираат јавните обвинители од подрачјата на вишите јавни обвинителства Битола, Гостивар, Скопје и Штип, од своите редови,

– еден член на Советот припадник на заедница која не е мнозинство во Република Македонија го избираат сите јавни обвинители во Република Македонија, од своите редови и

– четворица членови на Советот ги избира Собранието на Република Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Мандатот на избраните членови на Советот трае четири години со право на уште еден избор.

M.В