/ Прочитано:

1.164

Академијата за судии и јавни обвинители денеска организира работилница за етиката на судиите и обвинителите

Четврток, 4 април 2о13 – Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТАIEX) на Европската комисија, денеска и утре во Скопје организира работилница за „Етика на судиите и јавните обвинители и спречување на судир на интереси“.

Работилницата е наменета за членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, како и за судии и јавни обвинители од сите инстанци и од апелациски подрачја.

Целта на работилницата е преку презентирање на содржината на етичките кодекси на судиите и јавните обвинители на Шпанија и Франција, како и презентирање на обврските кои произлегуваат од препораките на ГРЕКО Комитетот при Советот на Европа кои се доделени на одредени земји кои го поминаа 4-от круг на евалуација, а се во насока на креирање на етички кодекс и спречување на судирот на интереси во правосудството согласно меѓународните стандарди, да се подигне свеста на судиите и јавните обвинители за доследното почитување на начелата содржани во судските и јавно обвинителските етичките кодекси, кои го унапредуваат независното и професиналното вршење на секојдневната работа.

Работилницата ќе ја отвори директорката на Академијата Анета Арнаудовска, која во рамки на првиот работен ден ќе ги презентира препораките на ГРЕКО Комитетот и меѓунардоните стандарди кои се однесуваат на етиката на судиите и јавните обвинители и на судирот на интереси.

За начелата на етичките кодекси на судиите и јавни обвинители во Франција и Шпанија излагања на дводневната работилница ќе имаат проф. Бертранд Метју од Универзитетот „Сорбона“ – Париз кој воедно е и член на Судскиот совет во Франција и судијата Мариа Луис Мартин Моралес од Вишиот суд на правдата во Гранада, Шпанија.