/ Прочитано:

911

Академијата за судии и јавни обвинители и УЈП потпишаа Меморандум за соработка во насока на соодветна примена на законите од областа на даночното законодавство

Вторник, 6 февруари 2013 – Спроведување обуки на судиите, јавните обвинители и други целни групи за нивно континуирано стручно усворшување, донирање стручна литература од областа на даночното право, обуки за службените лица од одделнијата за финансиско работење во судовите и јавните обвинителства, развивање е-лрнинг модули за даночно право наменети за обука на судиите и јавните обвинители, како и соработка и размена на практични искуства од областа на даноците и другите јавни давачки со Даночната академија при УЈП – ова се низа од активностите предвидени со Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа УЈП и Академијата за судии и јавни обвинители. 

Директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска и директорот на Управата за јавни приходи (УЈП), Горан Трајковски денеска потпишаа Меморандум за соработка во насока на соодветна примена на законите од областа на даночното законодавство.

„Со Меморандумот предвидено е имплементирање нови методи на соработка во делот на развојот и модулот за електронско учење на судиите и обвинителите од областа на даночното право, како и отворање пристап до даночната библиотека со која располага УЈП и е единствена во Републикава и во регионот“, рече Трајковски.

Тој посочи дека квалитетното судство и обвинителство не се само императив за влез во ЕУ и потреба на граѓаните, туку и потреба на управните органи за да добијат брзи, ефикасни, економични и правични постапки пред судовите во Македонија.

Управата за јавни приходи, како што рече Трајковски, во принцип е застапена во две групи предмети и тоа спорови кои се водат пред Управниот суд и кривичните предмети каде УЈП се јавува како пријавител пред Јавното обвинителство за даночно затајување.

„Во тој сегмент потребно е многу работа како во Управата, така и еден поширок пристап од страна на обвинителите за да се дојде до суштината на даноците и едно точно поимање што е тоа даночно затајување“, рече Трајковски.

Според директорот Арнаудовска, Меморандумот за соработка е само официјализирање на успешната соработка која Академијата ја има со УЈП, а во иднина тоа ќе се остварува на оперативен план со Даночната академија како дел од УЈП.

„Соработката ќе се остварува во делот на јакнење на капацитетите на управното судство за примена на домашното и меѓународното даночно законодавство, но и на процесното и на материјалното. Новата надлежност на Управата во делот на извршувањето на паричните казни, наплатата на трошоците во процесните постапки ќе биде од значење за користење на експертската помош од Управата за обучување на судските служби, во делот на надлежностите на УЈП во борбата со корупцијата, судир на интереси и анкетните листовии“, рече Арнаудовска.

Според Арнаудовска дека од големо значење ќе бидат советувањата со УЈП особено во текот на четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО, кој се однесува на превенција на корупција на пратениците, на судиите и обвинителите.

„Академијата како и вообичаено во пресрет на сите избори спроведува обуки за судиите и обвинителите во делот на измените на изборното законодавство, па и во тој дел ќе ги слушнеме експертските мислења на УЈП. Но  и повратно и нашите судии и обвинители ќе бидат добредојдени во обуките што ги организира Даночната академија во делот на прекршочните санкции“, истакна Арнаудовска.

Фокусот, како што посочи директорката на Академијата, е на управното судство, управните спорови и даночните постапки и управните спорови по прекршочните решенија на УЈП како прекршочен орган.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со контролата на изборното законодавство, односно финансирањето на изборните кампањи и на политичките партии, Трајковски рече дека тоа е во надлежност на Државниот завод за ревизија.

„Секогаш ги сочекуваме извештаите на Државниот завод за ревизија и онаму каде што упатуваат на одредни неправилности кај правните субјекти што се даночни обврзници, значи делот на стопанството кој може да се јави како донатор или спонзор на политичка партија во изборна кампања постапуваме и преземаме се што е во наша надлежност“, рече Трајковски.

Тој посочи дека во ваков случај најчесто се пречекорува лимитот на дозволените донации.

„Во законот точно е утврдено колку може да биде донацијата. Тоа е пет отсто од вкупниот приход искажан во претходната година. Особено во ваква изборна кампања која е пролетна кога се има предвид дека со 28 февруари фирмите ќе ги дадат годишните сметки и ќе ги имаме состојбите во 2012 година, тука можат да се јават и пречекорувања на прагот од пет проценти донација“, додаде тој.

На прашање кога УЈП ќе инсталира софтвер за пречекорување на даночното ослободување, Трајковски одговори дека софтверот е техничко прашање и тоа е веќе сработено на ниво на УЈП, додавајќи дека во моментов се очекува законската измена која е веќе во владина процедура.