/ Прочитано:

2.010

Академик ја одржа и втората практична обука од областа на работните односи наменета за студенти

Академик ја одржа и втората практична обука од циклусот обуки посветени на работните односи. На втората обука, на која предавач беше адвокатот Јане Илијески, се говореше за видовите договори за вработување и за договорот за вработување наспроти други договори за ангажирање лица.

 Во таа насока, подетално стана збор за договорот за вработување на определено и на неопределено време и за договорот за вработување со полно и со скратено работно време. Исто така, на обуката се говореше за договорот за сезонска работа, за договорот за волонтерски стаж, за договорот за приправнички стаж и за договорот за дело, а се стави акцент и на прашањата што се однесуваат на менаџерскиот договор.

Како и претходната обука, и оваа обука имаше практичен дел во врска со изработка на соодветен договор според дадени конкретни случаи, за кој студентите учесници покажаа голем интерес и развија корисна дискусија во врска со практичните аспекти на правилната подготовка на договорите.

„На овие обуки најважно е што имаме можност да добиеме практични сознанија, посебно во делот на трудовото право. Академик е препознатлив по своите квалитетни обуки за студенти во делот на граѓанското и кривичното право, но еве сега имавме и таква можност да бидеме дел од практична обука за трудовото право и работните односи. Идејата да се организира ваква обука конкретно за прашања од областа на работните односи е за поздрав“, велат  студентите.

Воедно, тие подвлекуваат дека за прашањата од областа на трудовото право и работните односи потребна е солидна подготовка бидејќи се работи за област што е поврзана како со пазарот на трудот така и со тековното работење на субјектите од приватниот и јавниот сектор, но и со почитувањето на работничките права. Несомнено, нагласуваат студентите, на оваа обука на најдобар можен начин се објаснија суштинските аспекти на работниот однос и прописите и актите од областа на работните односи.

Марија Стојковска, Тамара Стоилковска и Блаже Ајтов потенцираат дека предавањето беше одлично и збогатено со многу практични примери. Ова, нагласуваат тие,  беше одлична обука за студенти и за нивното практично образование.

„Се говореше за многу прашања и дилеми кои се појавуваат во праксата, за што беа пренесени и многу искуства од областа на правосудната практика“, истакнаа студентите. За Ивона Блажева, Наташа Блажева и Викторија Спасовска обуките дале одговори на бројни прашања и расчистиле многу дилеми што еден млад студент и правник си ги поставува во врска со примената на некоја одредба во праксата и како всушност се применува она што теоретски се осознава во текот на правничкото образование.

На обуката, посочија Доротеја Михајловска, Гента Речи и Александра Петреска, исцрпно се дискутираше за најзначајните прашања од областа на работните односи, но стана збор и за најавените измени на Законот за работните односи.

Александра Крстева и Кристина Лаброска велат дека мошне впечатлив момент на обуките бил практичниот дел и советите од адвокатот при подготовката на договорите. Презентацијата, коментираат студентите, беше многу јасна и приспособена според она што навистина треба да го научат и практично да го применат студентите.

Линдим Дибра, Илир Мусаи и Димитар Димоски, пак, посочуваат  дека обуката им овозможила практично да ја согледаат материјата на работните односи и да дискутираат за сите прашања кои се од значење за примената на трудовоправните прописи, но и да се запознаат со правната литература на Академик од областа на трудовото право и да се консултираат со неа. Супер беше, нагласуваат студентите, што при подготовката на договорите ја користевме и најдобрата збирка на важечки македонски прописи на интернет – Академика.