АКАДЕМИК КОНФЕРЕНЦИЈАТА ЗА ПРАВНИ РИЗИЦИ ЈА ОБЕДИНИ СВЕТСКАТА ПРАВНА МИСЛА
Вторник, 21 октомври 2014 – Академик конференциите внесуваат нови стандарди во домашното, но и светското право, правејќи значаен едукативен исчекор во етаблирaњето на правните ризици како современ тренд, адвокатска практика и деловна филозофија, но и афирмација на мерките кои треба да се преземат за да се реформира законодавството како можност иднината на правото да ја пречекаме подготвени. Ова се дел од импресиите на светски реномираните предавачи на третата Академик Конференција за управување со правни ризици, кои ги презентираа своите опсервации и искуства за правните ризици пред бројниот аудиториум од над 300 учесници, составен од високи политички претставници од областа на правдата, домашната, регионалната и светската адвокатура и правосудство, видни членови на домашна и регионална академска заедница, претставници на студентската средина, преставници на бизнис заедницата и менаџментот, публицистиката и почитувачите на правната мисла.
Конференцијата започна со поздравен говор на познатиот македонски адвокат Георги Димитров, кој, како што го нарекоа неговите колеги, е вонсерискиот адвокат чија визија за менаџирањето на правните ризици повторно Македонија ја вброи во редот на земји од каде светската правна мисла ќе рефлектира нови вредности за правото и космополитските аспекти на правно-деловната култура.
Димитров го нагласи значењето на ваквото вмрежување на правниците од регионот кои ја имаат единствената можност да ги слушнат најеминентните имиња на современата адвокатура, експертиза и професура, бидејќи, како што подвлече реномираниот адвокат, трендот на иднината подразбира поширок интернационален контекст на сфаќањето и применувањето на менаџментот на правните ризици. Во таа насока, Димитров посочи дека системот за управување со правните ризици денес подразбира и добро организирана држава, што секако се одразува врз целокупниот имиџ на државата, нејзиното правосудство, адвокатурата и бизнис заедницата.
„Следната Конференција ќе ја организираме во Истанбул и ќе продолжиме со она што е главната цел и мисија на Академик Конференциите“, истакна Димитров, навестуваjќи го, на огромен поздрав од публиката, следниот меѓународен чекор и афирмација на конференциите за управување со правни ризици.
По воведниот говор на Димитров, своја презентација имаше Метју Вајли, врвниот британски експерт за правни ризици, кој пристигна од престолнината на правните ризици – Лондон.
Метју Вајли од реномираната британска фирма „Berwin Leighton Paisner“, говореше за петте столба на управување со правни ризици на системски начин, притоа истакнувајќи го неговиот пробив на британската адвокатска сцена и како полека, но сигурно, го започнал менаџментот на правните ризици. Свеста на компаниите за правните ризици, петте чекори за прогрес, имплементацијата на правните ризици, прецизините нормативно-деловни варијабли, утврдувањето на приоритетите и начините за пософистициран третман на правните ризици беа сегментите кон кои се задржа Вајли, притоа потенцирајќи дека и самите регулaтиви имаат иманентна функција во таа насока.
„Да се предвидат регулативите во иднина – тоа е еден од врвните приоритети и значења на правните ризици“, подвлече британскиот експерт.
Кон неговото излагање, особено во делот на значајноста не регулативата, одлично се вклопи многу интересното предавање на државниот секретар во Mинистерството за правда на Канада, Патрик Везина, човекот кој е најзаслужен правните ризици да добијат институционален облик, што, пак, неговата земја ја прави првата земја со институционално прифатен и апликативен систем на правните ризици, како структурален дел од канадското Министерство за правда.
Везина се осврна на концептот на правните ризици во Министерството, притоа елаборирајќи ги зачетоците на неговата идеја и работа и како протагонистички ги реализирал своите идеи кои денес претставуваат правна канадска реалност која е именител на она што значи огромна сервисна ориентираност на министерството кон субјектите на пазарот и правно-деловниот сообраќај. Предавањето на Везина се фокусираше кон експликација на системот на правните ризици, институционалните софтверски компоненти, важноста на терминологијата, свеста на компаниите и значењето од интернационализацијата на темата и нејзиниот валоративен општествен импакт.
„Драго ми е што сум дел од ваков собир и што разговараме со експерти од целиот свет. Не сум имал вакви корисни разговори веќе подолго време. Дијалогот е фундаментален за правните ризици“, нагласи државниот секретар во канадското Министерство за правда.
На големо задоволство на учесниците, реномираниот адвокат и легендата на балканската адвокатура – адвокатот Тома Фила зборуваше за специфичностите на постапките пред специјалните судови, но на нему препознатлив стил, се осврна преку фантастичен сатиричен колаж и на правосудните балкански состојби. Фила не пропушти да упати и забелешки за Хашкиот трибунал бидејќи за него судот најмалку е персонификација на правото и заради таквиот „судски феномен“ е интересен за елаборација.
Хашкиот трибунал е се освен суд, рече Фила, последователно, анализирајќи ги новитетите во кривичното процесно право и поставеноста на адвокатите во самата кривична постапка, парадоксите со вкрстените испрашувања, „нееднаквоста на оружјето“ во постапката, притисоците врз судството од политичките центри и извршната власт, како и штрајкот на српските адвокати.
„Се носат закони кои се противуставни, јасна е улогата на адвокатите според Уставот, но министерот за правда очигледно нема разбирање. Се прават притисоци“, истакна легендарниот Фила, дополнувајќи дека, не само адвокатите туку и судиите се тие кои сами треба да ја водат својата борба, затоа што тие самите треба да си се избираат без вклучување на другите власти во „улогата“ на судството.
Конференциите на Академик не би го носеле епитетот на иновативни, доколку на нив не се слушнат и иновативните аспекти на управувањето со правните ризици, особено од организациско-технолошката поставеност на правните ризици во деловните ентитети. Оперативниот директор на ОNE Теlekom Slovenia Group, д-р Звонко Кремљак, зборуваше за донесување одлуки во ризично опкружување, чиј дел од докторски труд е цитиран во повеќе од 400 стручни трудови во светот.
И токму низ таква научна и теоретска операционализација на прашањето беше поставено неговото излагање, атипично, но екстремно корисно и прогресивно. Кремљак говореше за менаџментот и ризикот, теоријата на правните ризици, планирањето, оценувањето совладувањето и промените, анализирајќи ги притоа правните ризици низ хеуристичкиот модел за менаџирање на правните ризици. Карактеристично за овој еминентен стручњак е што тој кон правните ризици го внесува логичко-математичкиот метод на експликацијата, базирана на формулации од математичка провиниенција, што укажува на прогресот на управувањето со правните ризици како дисциплина, која веќе, како што тоа се нарекува во постмодренистичките теории за правото, го прифаќа економско-математичкиот модел на пристап и анализа.
„Сепак, најпрво е потребно ризикот да се препознае, па потоа доаѓаат следните фази“, советуваше Кремљак, чие предавање беше поткрепено со презентацијата на Цирил Кафол, генерален извршен директор на телекомуникацискиот оператор Оне, кој ја објасни структурално-софтверската структура на методологијата за управувањето со правните ризици, изразена преку деловната мобилност, искуство и сервисност на компанијата.
Сандра Робертс и Селиа Бернал успешните адвокатки од САД и истакнати стручњаци за управување со правни ризици имаа видео презентација за конфликтот на интереси. Познатите адвокатки кои важат за врвни американски и меѓународни експерти за управување за правни ризици, се осврнаа на важноста од консултирањето на експерти од оваа проблематика, категоризацијата на тематиката во интерделовните односи, превенцијата од ризиците, имлементацијата на софтверските решенија, како и трудово-правните компоненти на односите во самите компании, кои се еден од елементите на управувањето со правните ризици.
„Доверливоста, исто така, е многу важна во управувањето со правните ризици и компаниите секогаш треба да обрнуваат должно внимание кон тоа“, посочија еминентните адвокатки.
Првиот ден од Конференцијата финишираше со извонредното предавање на универзитетскиот професор д-р Димитар Гелев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој говореше за договорите за партнерство во Македонија, односно за персоналните друштва во Република Македонија.
Фасцинантното излагање на професорот приопшти една фактографска анализа на домашното законодавство од трговскоправната проблематика, компарирана со примери од Англија и Германија, европската и светската практика и легислатива. За професорот е проблематично тоа што во земјава, компарирано со европските показатели и пракса е многу мала процентуалната застапеност на персоналните друштва, но тоа, како што потенцираше професорот, се должи на „несреденоста на прописите“, а тоа генерира демотивираност во креирање на такви друштва, што самото по себе повлекува и го објаснува правниот ризик во овој дел. Професорот Гелев укажа и предупреди на недоследностите во македонското законодавството, неусогласеноста на прописите од трговско и облигационо-правната материја и децидно подвлече дека тоа доведува до руинирање на целиот систем на Законот за трговски друштва, што пак се коси со современата реалност во пошироки европски рамки.
„Некои работи кај нас се прават обратно. Таков е примерот и со персоналните друштва. Сметам дека сето тоа се должи на празнините во регулативата“, резимираше професорот, чие предавање го заокружи првиот ден од Академик Конференцијата за правни ризици, чии квалитетни дискусии и учесници кои не го криеја својот восхит од успешната организација се одлична увертира за утрешниот конференциски ден, на кој ќе може да се слушнат и видат останатите предавачи, кои исто како и денешните предавачи, претставуваат синоним за успех, едукација, иновативност и темелно познавање на темата за правните ризици.
Практично, позитивно и нешто многу различно од сѐ досега
Учесниците за Конференцијата:
– Конференцијата е одлична. Лани поставивте високо ниво, оваа година го одржавте и потврдивте. Интересни учесници, интересни теми – се’ на се’ одлично.
– Интересни спикери и искуства. „Risk management“ e нова област која станува многу значајна за организациите, за компаниите. Добро е да се слушне до каде се поразвиените земји во овој поглед. Во однос на излагањето на г-динот Фила, сакам да кажам дека е добро да се слушне – како една ваква легенда размислува и какви се неговите размисли во однос на Законот за кривична постапка, како и специјалните судови. Мене лично многу ме интересира темата за конфликт на интереси бидејќи јас работам во менаџмент со човечки ресурси, каде има ситуации кога треба да се утврди дали има конфликт на интерeс. Во секој случај, Вашата конференција можам да ја квалификувам за еден од најпрестижните настани од аспект на откривање на правната проблематика во земјата. Ви посакувам успех и понатаму.
– Сметам дека конференцијата е одлична. Вакви конференции треба што почесто да се организираат во Македонија. Особено беше интересен делот на државниот секретар на Министерството за правда, Патрик Везина, кој се осврна на улогата која треба да ја има Министерството за правда наспроти државата и предметите кои се против државата. Особено интересно излагање имаше и г-динот Фила во делот на новиот Закон за кривична постапка и примената на истиот во Србија.
Многу сум задоволна од содржината на конференцијата, особено првите две денешни излагања. Нешто што, не само што е интересно, туку и некој вид на предизвик. Во првото излагање на г-динот Метју Вајли можеше многу елементи да се препознаат од нашиот Закон за облигациони односи и убаво би било од таа страна тоа да се разработи. Во однос на второто излагање, на генералниот секретар од Министерството за правда, г-динот Везина, мислам дека нашето Министерство за правда треба сериозно да се заложи во оваа насока.
– Конференцијата ги исполни моите очекувања, особено во делот на нетворкинг. Значи многу интересни луѓе едно место, многу соработници и колеги на едно место, практично, позитивно и нешто многу различно од се’ досега.
– Не се ни сомневав дека конференцијата ќе помине во најдобар ред и можам да кажам дека уште подобро е организирана од минатогодишната. Честитки до организацијата. Ја следев и конференцијата во Белград, значи ова е трета конференција на АКАДЕМИК, трета и на која јас присуствувам. Можам да констатирам дека АКАДЕМИК иде чекор понатаму во поголеми походи и во очекување сум на уште поголема конференција.
Бев и минатата година на АКАДЕМИК конференција и сега. Организацијата е одлична, темата е јасна. Прекрасно е се’
Презадоволна сум од конференцијата. Сите ние од Стопнаска банка сме презадоволни, и од предавачите и од организацијата.
– Презадоволна сум од конференцијата, а тоа и го очекував. Не ми е прва конференција организирана од страна на АКАДЕМИК на која присуствувам. Презадоволна сум од организацијата и од гостите.
Многу сум задоволна. Конференцијата ги исполни моите очекувања и дури ги надмина. Минатата година, конференцијата беше одлична, сметам дека оваа година е уште подобра. Наредната година се надевам на уште поуспешна и поголема конференција.
Фала Ви многу што организирате ваков тип на настани, потребни се во Македонија навистина. Слушнавме искуства на многу квалитетни луѓе. Ние, како млади правници, но и фирмите во развој, сметам дека треба да се запознаеме со правните ризици. Секоја чест за организацијата од страна на АКАДЕМИК.