/ Прочитано:

1.612

АКАДЕМИК ОБУКА: Постапката за јавна набавка од аспект на подготовка на тендерската документација и дефинирање на техничката спецификација

Постапката за јавна набавка од аспект на подготовка на тендерската документација и дефинирање на техничката спецификација е темата на обуката во организација на Академик, која ќе се одржи на ден 25.9.2018 во Центарот за обуки на Академик, бул. „ВМРО“ бр. 1, Скопје.

Предавач на обуката ќе биде Маја Малахова, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки, која, покрај за прашањето за постапката за јавна набавка од аспект на тендерската документација, детално ќе се осврне и на  важноста на техничката спецификација и на она на што треба да внимаваат договорните органи при евалуација на исполнетоста на условите од техничката спецификација.

Обуката е наменета за претставници од сите договорни органи и економски оператори, лица на управувачки и раководни позиции, членови на комисии за јавни набавки, одговорни лица и вработени во организационата единица за јавни набавки.

Правилно изградената тендерска документација, со соодветна и прецизно определена техничка спецификација, е основа за навремено завршена и за успешно спроведена постапка за јавна набавка.

Во исто време, евалуацијата за исполнетост на условите од техничката спецификација е фаза во постапката за јавна набавка во која најчесто се отвораат бројни прашања за договорните органи и во која се прават грешки и пропусти кои се причина за активирање на казнените одредби од Законот.

Агенда на обуката:

Подготовка на тендерска документација

  • Тендерската документација како основа за успешно спроведена постапка за јавна набавка;
  • Задолжителни правила за изработка на тендерската документација;
  • Содржина на упатството во врска со изработката и поднесувањето на техничката и финансиската понуда;
  • Специфики и елементи од тендерската документација на кои треба да се обрне посебно внимание при набавка на одредени стоки, услуги и работи.

Дефинирање на техничките спецификации

  • Разлика помеѓу критериуми за способност и технички спецификации;
  • Подготовка на техничката спецификација;
  • Содржина на техничката спецификација;
  • Недозволени дејствија при подготовка на техничките спецификации;
  • Докажување на исполнетост на условите од техничката спецификација;
  • Начин за докажување од страна на понудувачот дека понудата ги задоволува барањата на договорниот орган на соодветен начин, дури и во случај кога стоките, услугите или работите не се во согласност со спецификациите на кои се однесува договорот;
  • Тежина и значење на изјавата за сериозност;
  • Проверка на исполнетост на условите од техничката спецификација од страна на Комисијата за јавни набавки.

Правна заштита во постапката за доделување договор за јавна набавка

  • Правни средства кои ѝ се на располагање на незадоволната страна  при донесување одлука за неисполнетост на условите предвидени со техничката спецификација;
  • Најчести грешки и пропусти при вложувањето на правните средства;
  • Нови рокови за поднесување на жалба;
  • Можност за определување времени мерки;
  • Кога се смета за конечно решението од Државната комисија за жалби по јавни набавки;
  • Уредување на правото на судска заштита;
  • Практични примери и реални случаи од второстепената постапка.

Сите заинтересирани за обуката можат да се пријават преку е-пошта на електронската адреса practicum@akademik.com.mk, а сите дополнителни информации може да се добијат на телефоните +389 02 3221 091 и +389 02 3237 465.