/ Прочитано:

2.069

Академик одржа обука за актуелни теми од областа на градењето

Академик одржа обука за уште една мошне актуелна тематика насловена „Oбјекти во градба, правно дефинирање на односите помеѓу учесниците во градењето, промени во правата и решавање кризни правни ситуации за време на градењето, пренос на права“.

На првото предавање од обуката се елаборираше прашањето за објектите во градба и за оваа проблематика говореше Мартин Оџаклиески, државен советник за управно-надзорни работи од Министерство за транспорт и врски.

На денешната обука Оџаклиески се осврна на прашањето  за правата стекнати со издавање на дозвола за градење, модалитетите на соинвеститорство, запишувањето права во јавни книги во тек на градење, пренос на права во тек на градење и практичните последици од прекинување на градба.

Оџаклиески, исто така, го елаборираше и прашањето за застојот во градба и во таа насока говореше за пробивањето на роковите и комуникацијата во такви случаи. Државниот советник за управно-надзорни работи од Министерството за транспорт и врски го дискутираше и прашањето за довршување на градба од засегната страна при прекин или застој на градењето.

На обуката беше даден и практичен приказ на можни решенија при прекинување со градење од разни причини, а ќе биде и дискутирано прашањето за довршување на градба од засегната страна при прекин или застој на градењето.

Второто предавање е насловено „Договор за градење според FIDIC и според Законот за облигационите односи – компаративна анализа, заеднички елементи и разлики“. За оваа тематика  говореше д-р Дарко Спасевски, доцент на  Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Предавачот Спасевски подeтaлно говореше за тендерската документација според FIDIC-стандардите, разбирање на предложениот нацрт-договор, комуникација и склучување на договор за градење и  главните елементи на кои треба да се обрне внимание.

Доц. д-р Спасевски говореше и за раскинувањето на договорот за градење, правните последици во зависност од фазата во која е градбата и  превентивна заштита со договорни одредби за предвремен прекин со градењето.

На обуката посветена на актуелните прашања од областа на градењето и примената на прописите и практиките од оваа област, се дискутираа и бројни прашања кои се од клучно практично значење, како што се прашањата за модалитетите за соинвеститорство, кризните ситуации за време на градба и начините како треба да се постави во такви ситуации, потоа  како органот на локалната самоуправа гледа на промените во градба низ решенијата што ги издава и што се случува кога во согласност со законот друг учесник, а не инвеститорот, треба да ја доврши градбата.

Обуката беше заокружена со интерактивна дискусија на која учесниците поставуваа прашања до предавачите, разменувајќи мислења и искуства за оние аспекти што предизвикуваат дилеми низ практиката.

Учесниците на обуката велат дека на денешниот настан се разјасниле многу дилеми за прашања поврзани со објектите во градба, правно дефинирање на односите помеѓу учесниците во градењето, промените во правата и решавање кризни правни ситуации за време на градењето и преносот на правата.

„Обуката е одлична. Темата за објектите е мошне актуелна и предизвикува низа дилеми низ практичното работење. Многу сме задоволни од предавањето и од објаснувањата што беа дадени на нашите прашања“ – Коста Пеевски и Ивон Величковски, Општина Крива Паланка.

„Се работи за сложена тема за која се многу корисни вакви настани. Законските објаснувања за овие прашања од областа на градењето се значајни, но сепак, она што е позначајно е како тие се применуваат во практиката и во кои сегменти има колизија на решенијата, но и колизија на пропишаното со она што се применува. Од тие причини, ваквите обуки се корисни бидејќи може да се даде практично-теоретска елаборација, но и да се разменат искуствата и мислењата низ практиката за тоа со какви проблеми и дилеми се соочени сите страни засегнати од прашањата што беа предмет на обуката“ – Бобан Димоски, Масон инженеринг.

„Често доаѓам на обуките и многу сум заинтересирана за овие прашања кои во нашиот домен на работа се многу застапени. Инаку, оваа обука ја оценувам одлично, со одлична замисла и со многу корисни предавања и појаснувања“ – Јулијана Ристова, Општина Демир Капија.

 

„Обуката е мошне корисна, а презентациите се мошне содржајни. Тоа е разбирливо бидејќи се работи за законски новини за кои е потребна поширока дискусија. Позитивно е тоа што се отвори разговор, се дискутираше за темите низ една интерактивна дискусија и атмосфера, па така и непосредно можеа да се добијат одговори и сознанија за сите аспекти на темата од областа на објектите во градба. Исто така, важно е што прашањата се елаборираа од правен аспект што е клучно за темата“ – Валентина Тунеска, НЛБ Банка.

„Предавањата на обуката се одлични. Се посочија многу работи кои се важни од практичен аспект, како во врска со објектите во градба, така и во врска со правното дефинирање на односите помеѓу учесниците во градењето. За нас како учесници, од големо значење е и што се дебатираше и дискутираше за овие прашања“ – Ива Џагора и Маја Ставреска, АД ИССДП.

„Супер е реализирана обуката. Предавачите се одлични. Говореа за најсуштинските прашања и имаа јасни дискусии. Сѐ на сѐ, задоволни сме од нивото на обуката, како од организациски така и од едукативен аспект“ – Тони Петков и Игор Николовски, Општина Демир Капија.

На обуката се говореше за градењето и примената на прописите и практиките од оваа област. Предавачите за оваа тема имаа одлични излагања. Тие говореа за овие прашања и од аспект на локалната самоуправа, што е од особено значење за нас кои доаѓаме од таа област. Обуката беше добро спроведена и понесуваме корисни искуства и нови практични сознанија што секако дека ќе ги примениме во нашето тековно работење“ – Соња Миленкова и Михајло Илиевски, Општина Битола.