/ Прочитано:

1.960

Академик одржа обука за новата регулатива за заштита на личните податоци со осврт на позитивноправните прописи

Академик денеска одржа обука посветена на новините во регулативата за заштита на личните податоци, со посебен осврт на новото законско решение како дел од  реформскиот процес на македонското законодавство во областа на заштитата на личните податоци.

Со новиот реформски Закон за заштита на личните податоци ќе се имплементираат решенијата содржани во Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) 2016/679, која е донесена на 27 април 2016 година, а ќе започне да се применува од 25 мај 2018 година.

Денешната обука имаше за цел да обезбеди навремена стручна подготовка на субјектите за правилна примена на новата регулатива, и во таа насока на денешниот едукативен настан беа елаборирани клучните прашања што се однесуваат на законските новини. Предавач на обуката беше Игор Кузевски, генерален секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци и автор на книгата „Прирачник за заштита на личните податоци – практичен водич“, во издание на Академик.

Кузевски, пред големиот број присутни учесници, кои ја поздравија темата на обуката, говореше за правната рамка за заштита на личните податоци, за обработката на личните податоци и за техничките и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци. Генералниот секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци ги елаборираше: новините предвидени со Општата регулатива на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, примената на Законот во материјална и територијална смисла, значењето на поимите во тој контекст, начелата за заштита на личните податоци и нивното значење, како и прекршочните одредби во случај на повреда на законските одредби.

Во врска со обработката на личните податоци, на обуката се дискутираше за правата на субјектот на лични податоци, за обврските на контролорот, за евиденцијата на активностите за обработка, за улогата на офицерот за заштита на личните податоци, за известувањето за нарушување на безбедноста на личните податоци, за обработката на личните податоци преку системите за видеонадзор, за обврските на контролорот при воспоставување на системот за видеонадзор. Во делот за техничките и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци, предавачот Кузевски се осврна и на класификацијата на нивоата на заштита и на начините за нејзино спроведување, како и на документацијата за техничките и организациските мерки и на сигурноста на информацискиот систем.

На обуката, воедно, се говореше и за начинот на управување со медиуми, нивното уништување, чување и бришење; за обезбедувањето безбедност на интернет и безбедност на електронската комуникација, како и за заштитните мерки при друга, рачна обработка на личните податоци.  Сите овие прашања беа проследени со богата интерактивна дискусија, а учесниците добиваа образложени одговори во врска со примената на новата регулатива и предизвиците со кои ќе се соочат во своето практично работење.

Обуката во организација на Академик, истакнуваат учесниците, имаше одлична тема која беше поткрепена, исто така, со одличното предавање на предавачот Игор Кузевски, кој преку практични примери и совети мошне посветено ѝ пристапи на темата за законските новини за заштитата на личните податоци.

„Обуката беше одлична, како од аспект на квалитетот на предавањето така и од аспект на организацијата. Потребно е почесто да има вакви обуки со предавач како денешниот“ – Марија  Серафимовска, адвокатски приправник.

„Преубава обука, со корисно предавање и со добро образложени теми. Задоволни сме од предавачот и од начинот на кој се осврна на законските новини за заштитата на личните податоци“ – Стефани Неделкова, ПЗУ Систина Офталмологија.

„Добро реализирана обука, со тема која е мошне актуелна и за која е потребна солидна и благовремена подготовка. Посебен впечаток ни оставија интерактивната дискусија и деталните одговори на прашањата“ – Никола  Славковски и Тања Буџаковска, „Полиестердеј“.

„Задоволни сме од обуката. Имаше јасно предавање и доволно простор и време за прашања во врска со правилната примена на Регулативата која се однесува на заштитата на личните податоци и новините предвидени во неа“ – Марија Јованова и Ивана Атанасовска, Фонд за здравствено осигурување.

„Одржаната обука за лични податоци беше супер. Предавачот Кузевски темелно дискутираше за темите на обуката. Темите за обуката беа умешно избрани, токму од гледна точка на она што е најважно во практиката“ – Љубица Бошковска и Даниела Данковиќ, „Месер Вардар техногас“.

„Обуката беше професионално организирана и задоволни сме од предавачот Кузевски, од агендата и од темите на обуката. Дознавме многу работи во врска со заштитата на личните податоци и секако дека ќе ги применуваме во праксата“ – Јана Јовановска-Ивановска, Индустри сервис Доо.

„На обуката имаше многу практични примери, а предавачот Кузевски навистина се потруди да даде објаснување на бројните прашања кои се наметнуваат во практиката. Темата за заштитата на личните податоци е актуелна тема, како сега така и во иднина, посебно бидејќи за брзо време стапи во сила и новата ЕУ-регулатива“ – Валентина Цветановска, Агенција за лекови и медицински средства.