/Прочитано:

1.480

Академик одржа обука за новините во Законот за вработување и работа на странци и неговата усогласеност со Законот за странци

Денеска Академик одржа обука за актуелната тема поврзана со новините и измените во Законот за вработување и работа на странци, спецификите во Законот за вработување и работа на странци и усогласеноста со Законот за странци во однос на издавањето на дозвола за работа и разјаснување на критериумите за прифаќање или одбивање на барањата.

Академик обука Закон за странци

Едно место на поднесување на документите, едно место на нивно подигање, едношалтерски систем и олеснување и забрзување на постапките, се новините во Законот за вработување и работа на странци. Ова ќе им овозможи не само на странците, туку и на работодавачите кои вработуваат странци да им биде олеснета постапката, вели Мијалче Гелев, главен инспектор за странци и реадмисија во Единицата за странци и реадмисија при Секторот за гранични работи и миграции. Од овие новини ќе имаат корист и странците и правните лица во Република Македонија. Токму МВР е единствената адреса каде што, според измените, треба да се одвива постапката за вработување на странец.

Гелев е предавач на обуката што ја организира Академик, а која се однесува на примената на измените на Законот за вработување и работа на странци и неговата усогласеност со Законот за странци.

Академик обука Закон за странци

Документите кои треба да ги поднесе до МВР секој работодавач или странец кој сака да работи во земјава се: важечка патна исправа, која мора да биде најмалку три месеци со подолго важење од предвидениот престој во РМ, доказ за неосудуваност и доказ дека не се води истрага во државата каде што лицето е државјанин или каде што има регулиран привремен или постојан престој, кој не треба да биде постар од шест месеци. Сите документи кои се издадени во странство мора да бидат преведени на македонски јазик. Понатаму, како документ треба да биде приложена и потребата за вработување од страна на лицето кое го ангажира странецот, со наведување на неопходноста за негово вработување, доказите кои се потребни за негово вработување во Агенцијата за вработување и здравствено осигурување.

Академик обука Закон за странци

Учесниците на обуката во интерактивната дискусија, што ја предизвика предавањето на Гелев, истакнаа дека имаат тешкотии во однос на обезбедувањето на сите потребни документи поради нејасности во врска со надлежностите на институциите, на што Гелев одговори: „Со донесување на Правилникот за вработување и работа на странци, кој треба да го донесе Агенцијата за вработување, како и со подзаконските акти, ова навидум недобро комуницирање меѓу институциите ќе биде надминато. Се надевам дека во брзо време ќе бидат донесени тие акти. Инаку, досега МВР немало проблем во меѓуинституционалното поврзување. Можеби одредени лица не разбрале кои сè документи треба да ги достават за вработување на одредена категорија на странец.“

Академик обука Закон за странци

Затоа предавачот ги советува сите правни лица пред да ги започнат постапките за вработување, да се обратат до МВР и до подрачните служби на Министерството, кои ги има речиси во секој град, за да видат кои документи за кои работни дозволи и за кои дозволи за престој им се потребни.

Улогата на приватните агенции за посредување при вработување и времено вработување во постапките

На оваа тема на обуката свое предавање имаше адвокатот Јован Најденовски. Тој во своето излагање се осврна на односот (релациите) помеѓу приватните агенции и Агенцијата за вработување на РМ и досегашните искуства на приватните агенции во примената на законот.

Најголемо внимание треба да се обрне на генерирањето на документите затоа што во Република Македонија нема стандарди за тоа што прифаќаме, а што не прифаќаме како документ.

Академик обука Закон за странци

„Мојата препорака до лицата што се занимаваат со оваа проблематика е да комуницираат со надлежните лица во МВР, да прашуваат дали е документот доволно јасен или, уште подобро, да им покажат примероци од тоа што планираат да го донесат како документ за да се утврди дали е сè во ред. Не постои институција во светот која ги познава сите документи во светот, од сите јурисдикции од каде што доаѓаат, затоа е многу важно кога ќе се започне постапката, лицето што ја поведува постапката да комуницира со надлежното лице во институцијата“, вели адвокатот Најденовски.

На обуката свое излагање имаше и Моника Лешниковска, правник, претставник од Агенцијата за посредување при вработување и времени вработувања „ЕСИ“ времено вработување Скопје.

Академик обука Закон за странци

Улогата на адвокатите во водењето на постапките

Улогата на адвокатите при издавањето дозвола за работа и дозвола за престој на странец како единствена дозвола, во согласност со новите измени, е подеднакво истакната во спроведувањето на постапките сега како што беше и според стариот Закон, со тоа што најголемата промена се гледа во делот на фазата на подготовка на документацијата, поднесување на барањето и комуникацијата со надлежните органи и институции бидејќи постапката е целосно олеснета – адвокатот има комуникација само со еден орган – Министерството за внатрешни работи.

„Законот е релативно нов и досега има неколку позитивни ефекти од неговата примена, особено во делот на ефикасноста и брзината во спроведувањето на постапките“, вели адвокатот Јане Илијоски.

Академик обука Закон за странци

Ангажирањето на адвокат во овие постапки не е задолжително. Постапката може да ја спроведат и компаниите сами или самите странски државјани кои сакаат да воспостават работен однос со домашен работодавач, но компаниите многу често се одлучуваат да ангажираат адвокат бидејќи адвокатските канцеларии нудат услуги што го опфаќаат целиот процес – од иницијалната фаза на информирање на клиентот, консултации, подготовка на документацијата, преводи, комуникација со домашни и странски државни органи, поднесување на барање и комуникација со МВР и поддршка по одобрувањето на барањето за издавање на дозвола за работа и престој на странец, која опфаќа регистрација на работата во Агенцијата за вработување, издавање на документ за дозвола за привремен престој, како и поддршка во смисла на имплементација, односно регистрација на промени на статусот на странецот.

Академик обука Закон за странци

Од досегашното искуство, Илијоски вели дека странските државјани немаат голема доверба во македонските институции поради комплексноста на постапките, нивната долготрајност, што на своја кожа го чувствуваат и адвокатите бидејќи странците не можат да идентификуваат каде е проблемот поради долгото траење на постапките.

„Со имплементацијата на новите законски решенија доаѓа до промена, особено до намалување на комплексноста на постапката. Имаме комуникација само со еден орган, документите се поднесуваат само до еден орган, решенијата се подигнуваат само од еден орган и сметам дека во иднина оваа ситуација и ставот на странските државјани и на самите трговски друштва ќе се менуваат во позитивна насока“, вели Илијоски.

Учесниците, адвокати и правнци вработени во македонски компании кои вработуваат странски државјани, се задоволни од обуката која ја спроведе Академик и од начинот на кој се презентираа измените во Законот.

„Нам, како јавна научна установа за филм и филмска академија и како правен субјект кој има реална потреба од ангажирање странска работна сила, овој вид на обука ќе ни биде потребна и од практичен и од наменски аспект. Целиот концепт на обуката на Академик е одличен, има интерактивна комуникација меѓу учесниците и само треба да продолжите со трендот на вакви обуки“, вели Стефан Арнаудов од Јавната научна установа „Институт за филм – Филмска академија“ Охрид.

„Она што го истакна предавачот од МВР ќе ни биде од значајна корист особено доколку вработените во службите се држат до она што беше кажано и во практичната примена. Темата на обуката и предавачите се добредојдени за решавање на проблемите со кои се соочуваме во нашата работа затоа и дојдовме на оваа обука од која ќе имаме корист во нашата работа“, вели адвокатот Јела Бошковиќ Огњаноска.

„Она што го слушнавме на обуката ќе ни биде од голема корист бидејќи токму МВР е институцијата што го дава последниот збор. Обуката е добра бидејќи на неа ми беа одговорени сите прашања кои досега ми беа нејасни. Најдобро е тоа што законските измени ќе ни ја олеснат нашата работа како адвокати“, вели Сања Стојчевска од Адвокатското друштво „Чакмакови адвокати“.

„Обуката опфати тема која е нова и актуелна и покрај тоа што ние сме професионалци во областа, има измени со кои се соочуваме првпат. Дел од работите за кои се зборуваше на обуката ги слушнав за првпат бидејќи станува збор за нови законски измени и знам дека ќе ми бидат многу корисни во понатамошните постапки.“, изјави Валентина Давчевска, контролор во „Фени индустри“, служба за човечки ресурси.

„Обуката беше многу корисна, но морам да се согласам и со другите колеги дека би било добро да има и некој од Агенцијата за вработување кој ќе ја појасни постапката. Сепак, она што го слушнавме беше многу добро и материјалите кои ни беа дадени на обуката ќе можеме да ги употребиме во нашата секојдневна работа“, изјави Блажена Зафировска од „Таб мак“ фабрика за акумулатори Пробиштип.

„Обуката беше навистина многу корисна. Читајќи ги законите и измените, имав многу нејасности, но денес многу од работите ми се кристализираа и се специфицираа. При наредна потреба од спроведување на ваква постапка ќе знам од каде да почнам и каде да се обратам. Сфатив дека постапката е многу поедноставна отколку старата постапка и обуката ја оценувам како многу корисна“, вели Весна Аго-Димитрова од „Триглав осигурување“.

„Она што го слушнавме на обуката ќе биде многу корисно за нашата работа бидејќи неодамна имаше законски измени а со оглед на тоа што имаме континуирана потреба од регулирање на ваков тип на активности со надлежните институции секако дека ќе имаме корист од обуката. Тоа што денеска го слушнавме и од практичното искуство на адвоакатите и од надлежното лице од МВР ќе биде добредојдено во понатамошниот период за да можеме поефективно и поефикасно да ја извршуваме нашата работа“, вели учесник на обуката.