Академик одржа обука за новиот Закон за инспекциски надзор

Академик одржа обука на тема „Новиот Закон за инспекциски надзор и приватниот сектор – права и обврски на компаниите“. Предавач на обуката беше Методија Димовски, член на Инспекцискиот совет.

На обуката во организација на Академик, компаниите конкретно се запознаа со своите права и обврски при вршење инспекциски надзор. Во таа насока на обуката детално се говореше за клучните новини кои се однесуваат на компаниите,  за вршењето инспекциски надзор, како и за превентивната улога на инспекцискиот надзор како една од главните новини во Законот.

Пред да им биде изречена казна на компаниите за неправилноста констатирана со надзорот, тие ќе добијат опомена од инспекторот и рок да ја отстранат неправилноста. Дополнително, преку примена на начелото на пропорционалност инспекторот е должен да презема инспекциски мерки кои се неопходни за отстранување на неправилностите и кои истовремено ќе бидат и најповолни за субјектот на надзорот.

Учесниците на обуката велат дека се стекнале со многу корисни знаења во врска со правилната примена на новите законски решенија. Тие додаваат дека предавачот Димовски имал успешна презентација на обуката и дека обуката била одлично конципирана.

„Одлична обука. Предавачот успешно ги презентираше и ги образложи сите значајни новини од новиот Закон за инспекциски надзор“.

„Предавањето беше интерактивно, со учество на сите учесници на семинарот“.

„Предавачот беше добро подготвен и одлично го пренесе своето знаење. Исто така и организацијата на обуката беше одлична“.