/Прочитано:

322

Академик одржа обука за практичната примена на прописите содржани во даночните реформи

Академик одржа обука за имплементацијата и практичната примена на прописите содржани во даночните реформи. Предавач на обуката беше експертот за даночни прашања Славко Лазовски.

Лазовски на обуката детално се осврна на новините во Законот за данокот на личен доход и детално ги елаборираше видовите доход во согласност Законот. Со новиот Закон за данокот на личен доход се воведуваат нови даночни механизми и правила за пресметка и за регулирање на даночните обврски.

Во Законот се уредува и начинот на оданочувањето на личниот доход, се регулира кој е обврзник за плаќање на данокот, која е даночната основа за пресметување на данокот на личен доход, воведени се прогресивни даночни стапки, а дефинирани се и роковите за плаќање на данокот, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на данокот на личен доход.

Исто така, на обуката се обработуваше и темата за измените и дополнувањата во Законот за данокот на добивка со кои е извршено појаснување и допрецизирање на одредбите што се однесуваат на даночното ослободување за донации; на трансферните цени; на даночните обврски на непрофитните организации; на непризнатите расходи и на други прашања од областа на даночниот систем.

„Обуката беше солидно организирана. Предавачот Лазовски јасно ги образложи сите новини во даночните прописи и даде одлични образложенија за правилна примена на новата даночна регулатива“, коментираат учесниците на обуката.

Ваквите обуки, додаваат учесниците, треба да бидат почести. Се работи за комплексна материја, за која е потребна дополнителна едукација, која, секако, нагласуваат учесниците, се стекнува преку ваквите обуки.

Целта на обуката, истакнува Соња Крстевска од „Берин“, беше исполнета. Организацијата на обуката беше одлична. Ана Марија Павлоска од „Берин“ додава и дека предавачот бил одлично подготвен и добро го пренел своето знаење.

„Задоволни сме до обуката во организација на Академик и се разбира дека повторно би дошле на обуките, кои навистина се многу корисни и се реализираат во многу интерактивна атмосфера и во пријатен и инспиративен амбиент“, заклучуваат учесниците на обуката.