Академик одржа обука за спроведувањето на постапките за доделување на договори за јавни набавки

Академик успешно реализираше уште една еднодневна практична обука, како дел од обуките посветени на јавните набавки наменети за договорни органи и економски оператори. Темата на обуката, која се одржа на 17-ти декември, гласеше „Размена на искуства и практични примери со цел правилно спроведување на постапките за доделување на договори за јавни набавки согласно одредбите од Законот за јавни набавки“.

На обуката се говореше за подготовката на технички спецификации со користење на мерливи барања и услови во спецификациите со цел добивање квалитетни стоки, услуги или работи, се разменија искуства и практични примери во таа насока, потоа се говореше за најчестите грешки и упатства при дефинирање на критериумите за способност, иновативноста во набавките на стоки и услуги, спроведувањето на електронски постапки за доделување на договори за јавни набавки и за електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), образложен низ практични примери.

Исто така, обуката беше концепирина во насока на образложување на законската обврска за спроведување на електронските постапки за јавни набавки преку Електронскиот систем за јавни набавки, еднаковиот третман и недискриминација кај економските оператори со истовремено обезбедување квалитетни стоки, услуги или работи со рационално и ефикасно искористување на планираните средства кај договорните органи.

Како што беше потенцирано на обуката, за исполнување на овие работи неопходно е правилното дефинирање на предметот на јавната набавка, правилното дефинирање на карактеристиките во техничките спецификации, како и дефинирање на минималните критериуми за способност на економските оператори.

Во таа смисла, на обуката се развија дискусии за иновативноста во набавките на стоки и услуги – изнајмување наместо купување,  како и за обврската за спроведување електронски постапки преку ЕСЈН во најмалку 30% од објавените огласи во 2016 година.

На обуката предвачи беа Маја Малахова, м-р  по правни науки  – Претседател на Државна комисија за жалби по јавни набавки, Татјана Пешевска, дипл.екк. – раководител на внатрешна ревизија, овластен државен ревизор и сертифициран обучувач за јавните набавки со долгогодишно практично искуство во спроведувањето на постапките за доделување на договори за јавни набавки и Ирена Стоименова, дипл.екк., советник за комерцијални работи и сертифициран обучувач за јавните набавки со долгогодишно практично искуство во спроведувањето на постапките за доделување на договори за јавни набавки.

„На обуката споделивме практични искуства во врска со правилна подготовка на техничките спецификации со цел да се обезбеди соодветно потребно ниво на квалитет на стоки/услуги или работи што треба да се набават, како и правилно дефинирање на критериумите за способност со цел осигурување на доволен број на економски оператори кои ќе го имаат потребниот капацитет да ја реализираат набавката. Дел од обуката беше посветен на законската обврска за спроведување на е-набавки преку ЕСЈН која стапува на сила од 1 јануари 2016 година, со што неминовно се наметнува потребата од  подготвка и прилагодување на договорните органи и економските оператори на ваквите промени. Освен ова, на обуката се дискутираше и за бенефитите кои можат да се добијат доколку внесеме барем малку иновативност во набавките. Станува збор за примена на нов концепт за набавка на стоките кои вообичаено ги набавуваме во замена за досегашниот начин на набавка. Обуката беше заокружена како целина со излагањето на претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки која ги изложи примерите од пракса за најчестите повреди во спроведувањето на постапките за доделување на договори за јавни набавки“, истакнуваат предавачките Малахова, Пешевска и Стоименова, за кои учесниците на обуката подвлекуваат дека имале одлични презентации.

„Предавачите на обуката беа извонредни, имаа многу корисни презентации што оваа обука несомнено ја прави од исклучителна корист за нас. Концептот на обуката беше убаво осмислен, со акцент на практичните примери, а тоа е за поздрав“,

„На обуката се искажаа доста работи поврзани со практиката за јавните набавки, што е наш домен на интерес, бидејќи истите ги применуваме во практиката. Можеше на оваа обука да се слушнат многу аргументации, многу образложенија и корисни податоци“

„Да, ова беше навистина корисна обука, научивме корисни работи. Ова е и таква тема кога мора да има еден континуиран пристап и едукација, па затоа и сме тука, да слушнеме како се толкуваат работите од предвачките кои се непосредно упатени во проблематиката“,

„Оваа област бара многу повеќе простор и време за образложенија, за вакви теми и ваква материја требаат и два-три дена да се говори. Но, ова што го слушнавме тука одговори на одредени дилеми, но остава, како што рековме, простор и понатаму да се говори за уште прашања“,

„Конкретни презентациии, јасни и концизни. Корисни, пред сè. Тоа е мојот впечаток од обуката, која беше и добро организирана“,

„Презадовлни сме од обуката, супер беше реализирана. Внимателно ги слушавме предавачките, имаше простор за дискусии, имаше простор да се разменат искуства и што е најважно имаше простор да се иницираат прашања кои се во насока на корисни советувања, а тоа е најбитното кога се применува некое законско решение“,

„Добра беше обуката, имаше повеќе теми кои се елаборираа. Овие теми бараат можеби пооделно да се дискутираат со оглед на тоа дека на обуката се кажуваа многу информации и совети. Инаку, дискусиите на предавачките беа коректни и корисни“,

„Сме ги слушале предавачки и порано и навистина имаат одлични дискусии, а ако се предавањата добри тогаш и обуката мора да е таква. Како резиме може да се заклучи дека обуката не само што беше корисна, туку беше и мошне интересна и интерактивна“,

„Многу сме задоволни од предавањата, предавачките се професионални, а тоа може веднаш да се констатира од начинот на презентирање. Тоа што го дознавме ќе го примениме, тоа што беше како дилема, ќе гледаме да го разјасниме од она што се образложи, а гледано низ праксата“.