АКАДЕМИК ОНЛАЈН ОБУКА: „Клучни теми и предизвици во примената на новиот Закон за заштита на потрошувачите“
На 14.12.2022 година (среда), од 10:00 до 14:00 часот, Академик ќе одржи онлајн обука на тема: „Клучни теми и предизвици во примената на новиот Закон за заштита на потрошувачите“.
Новиот Закон за заштита на потрошувачите стапи во сила на 15 ноември 2022 година. Третирајќи ги меѓусебните односи потрошувач – трговец, тој не само што ги дефинира правата на потрошувачите туку ги дефинира и обврските на трговците, поради што е од исклучителна важност за секојдневното работење на секој деловен субјект, без оглед дали е во јавна или во приватна сопственост, кој нуди производи или услуги на пазарот или јавни услуги.
Со новиот Закон за заштита на потрошувачите е извршено понатамошно усогласување на македонското со европското законодавство од областа на заштитата на потрошувачите (14 ЕУ директиви) и тој воведува многубројни новини, чија цел е, меѓу другото, да се обезбеди високо ниво на заштита на потрошувачите и ефикасни инструменти за брзо решавање на потрошувачките спорови, но и појасно да се дефинираат обврските што треба да ги исполнат трговците и правните лица спрема потрошувачите, како и да се обезбеди понатамошен развој на политиката за безбедност на производите.
Во таа насока, Академик ја организира оваа обука на која учесниците – трговци/правни лица од приватниот и од јавниот сектор ќе бидат запознаени со новините кои се воспоставени со новиот Закон за заштита на потрошувачите, со клучните теми и концепти што ги утврдува тој, како и со обврските кои ги наметнува за субјектите во деловното работење и во нивните трговски практики.
Бидете подготвени за имплементација на новите законски решенија во областа на заштитата на потрошувачите и не пропуштајте ја можноста да ја посетите оваа прва генерална обука во организација на Академик. Во следниот период, Академик ќе организира и обуки на специјализирани теми и обуки наменети за одделни деловни субјекти што работат во различни трговски сектори. Затоа, доколку сте заинтересирани, стапете во контакт со нас за можноста за организација на обука наменета само за вашата компанија, според вашите потреби и интереси.
Учесниците на оваа обука ќе имаат уникатна можност да го набават Коментарот на Законот против нелојалната конкуренција, во издание на Академик (2021), со попуст од 50 %, односно по цена од 781 денари со вклучен ДДВ.
Предавачи на обуката ќе бидат д-р Валентин Пепељугоски, адвокат и редовен професор на Универзитетот ФОН во Скопје и проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје.
Предавачите се автори/коавтори на повеќе од 150 научни и голем број стручни трудови, вклучително и на универзитетски учебници, коментари и практикуми од областа на облигационото право, правото на интелектуална сопственост, правото на конкуренција и правото на потрошувачи. Тие, исто така, учествувале во подготовката на повеќе закони од областа на облигационите односи, заштитата на интелектуалната сопственост, конкуренцијата и заштита на потрошувачите. Истовремено, предавачите имаат големо практично искуство во застапувањето и советувањето на голем број домашни и странски фирми во областа на облигационите односи, заштитата на интелектуалната сопственост, конкуренцијата и заштита на потрошувачите, но и учество во меѓународните преговори и домашните и странски арбитражни постапки.
Агенда
- Новините во Законот за заштита на потрошувачите
- Кој се смета за трговец, а кој за производител
- Одговорност на трговецот и производителот
- Нечесни трговски практики
- Дефинирање на производи и услуга
- Измамнички и агресивни трговски практики
- Замена на производите
- Што е понуда, а што повик
- Потрошувачки договори
- Договори на далечина
- Дигитална содржина
- Аванс, камата на аванс
- Кои документи треба да бидат преведени на јазикот на заедницата што е над 20 %
Напомена: можни се измени во агендата, во согласност со потребите на учесниците и во зависност од дискусиите што ќе се развијат во текот на обуката. Времетраењето на обуката, во зависност од интересот на учесниците, може да биде продолжено за половина час.
Цената за учество за едно лице е 6.200 денари со вклучен ДДВ.
Плаќањето се врши врз основа на профактура, задолжително пред почетокот на обуката.
Сите заинтересирани можат да се пријават за обуката најдоцна до 13.12.2022 година (вторник), преку е-пошта на practicum@akademik.com.mk, а сите дополнителни информации за обуката може да се добијат на телефоните:
071/23 23 42 и
071/23 25 93.
Во пријавата за учество на обуката треба да ги наведете името и презимето, информациите за субјектот кој ќе го врши плаќањето, адресата за е-пошта која ќе биде користена за да добиете покана за следење на обуката и телефонскиот број на учесникот за контакт.
Учесниците добиваат електронски материјали од обуката и е-сертификат за учество.
Објаснување на Платформата ZOOM
Обуката ќе се спроведува онлајн, преку платформата ZOOM, за што секој учесник неопходно е да располага со:
- електронски уред (компјутер, таблет итн.),
- стабилна интернет-врска,
- микрофон и звучници (или слушалки).
Секој учесник што извршил уплата за присуство на обуката ќе добие е-пошта со линк до обуката на е-адресата што ја навел во пријавата за учество на обуката. Задолжително, при најавувањето, учесникот мора да ги внесе името и презимето со кои се пријавил за обуката.
За подетални информации за користењето на платформата Zoom, погледнете на https://akademik.mk/obuka-preku-platformata-zoom/.