АКАДЕМИК во соработка со КИРМ одржа практична обука од областа на извршувањето
Четврток, 2 мај 2013 – АКАДЕМИК во соработка со Комората на извршители на РМ (КИРМ) одржа обука на темите „Водење на уписник за примени барања за извршување“ и „Вонреден надзор на работата на извршител“, како и значајни теми за извршителите од областа на канцелариското и архивското работење. Големиот број на учесници од повеќе извршителските канцеларии низ земјава задоволни од стручноста на обучувачите, велат дека ова е одлично искуство да се осознаат корисни информации кои ќе си најдат доследна примена во пракса.
Обуката ја отвори Југослав Ѓорѓиевски, инспектор во Државниот управен инспекторат кој се осврна на Основите на канцелариското работење, при што беше опфатена постапката на прием и заведување на актите и приемен штембил, достава, обработка, распоредување и разведување на актите, како и водењето на Деловодникот. Во рамките на својот дел Ѓорѓиевски го презентираше и водењето на посебните деловодници со посебен акцент на Деловодникот за акти со таен карактер. Акцентот беше ставен на практичното водење на Деловодникот како општа евиденција и посебниот уписник за предметите за извршување, како и уписникот за акти со таен карактер. При тоа со конкретен пример беше презентирана постапката на канцелариското работење, од приемот на предметите, нивното заведување, обработка и разведување. Присутните со огромен интерес за сите аспекти на канцелариското работење.
„Особено внимание како и голем број на прашања имаше околу заведувањето на предметите во деловодникот. Од дискусијата констатиравме дека дел од присутните воопшто не водат Деловодник како општа евиденција, а оние кои што го водат досега не биле запознаени со постапката за неговото водење. Исто така беше од посебен интерес и посебната евиденција која произлегува од Законот за извршување. Присутните укажаа на потешкотиите со кои се соочуваат поради фактот што посебната евиденција не е на пропишан образец, и за истата не се дадени детални упатства за водење поради што се јавува неунифицираност во водењето на истата. Поради непрецизната законска и подзаконска регулатива, особен проблем за извршителите претставува водењето на Уписиникот за предмети од таен карактер. Имено не е направена разлика помеѓу акти од доверлив карактер и личните податоци, како специфичен вид на податоци со кои се располага согласно со Законот за заштита на личните податоци. Имено актите од доверлив карактер (доверливо, строго доверливо и државна тајна) се регулирани со Законот за класифицирани податоци и работата со вакви акте е условена од поседување на соодветен сертификат. Меѓутоа во пракса извршителите се соочуваат со проблеми при надзорот кој им го врши Дирекцијата за заштита на лични податоци која врши надзор во овие деловодници иако тоа не е предмет на нивната работа“, посочува Ѓорѓиевски.
Експертот по архивски законодавство, канцелариско работење и архивистика, проф. др. Ацо Ангеловски зборуваше за поимот документација и притоа коментирајќи ги поимите архивски и документарен материјал, архивско работење, јавен и приватен архивски и документарен материјал. Ангеловски, кој е инспектор во Државниот архив на РМ, посебно се задржа на постапката за изработување и донесување на Планот на архивски знаци, листа на архивски материјал и листа на документарен материјал со рокови на негово чување. Подетално беа разработени и видовите на документи кои се опфатени во општиот дел од планот и листите. Во продолжение, обучувачот се осврна на одбирањето на архивскиот од документарниот материјал, евидентирањето на архивскиот материјал, изработка на пописен лист на документарен материјал со изминат рок на чување, постапка и начин на преземање на архивски материјал и заштита и чување на архивскиот материјал.
„Водење на уписник за примени барања за извршување“ и „Вонреден надзор на работата на извршител“ се темите на кои се осврна Владимир Јанковски, помошник раководител на Секторот за надзор над работата на извршителите, нотарите и медијаторите при Министерството за правда.
„Извршителите имаат одговорна функција во државата, од причина што истите извршуваат извршни исправи, преку кои доверителите конечно ги остваруваат своите права. Од тие причини водењето на евиденцијата на извршителите е многу важен дел од нивното работење, која ја следи постапката за извршување, поради што законска обврска на извршителите е евиденцијата да ја водат точно, уредно и навремено. Целта на презентацијата беше поблиску запознавање на извршителите со формата, содржината и начинот на водењето на евиденцијата и разјаснување на прашања и дилеми со кои се соочуваат извршителите при водењето на истата, за што присутните покажаа голем интерес. Во делот на надзорот над работењето на извршителите, тие беа запознаени со Препораките на Советот на Европа кои се однесуваат на основните начела на извршувањето, од каде произлегува и обврската на државата да обезбеди брзо, ефикасно и транспарентно извршување на извршните исправи, а со тоа и квалитетен и стручен надзор над работењето на извршителите. Од тие причини на извршителите им беше презентирана целта на надзорите, постапката и начинот на вршење на редовен и вонреден надзор на извршителите и досегашните искуства и резултати од надзорите“ објаснува Јанковски.