/ Прочитано:

1.726

Академската јавност бара повеќе пари за науката

Според последните официјални податоци на Министерството за образование и наука, за научноистражувачката дејност во Македонија се издвојуваат 52% од бруто-домашниот производ. Но, според академската јавност, во реалноста не само што овој процент е многу помал, бидејќи во него влегуваат и платите на  научниците, туку е итно потребно негово зголемување. Претседателот на МАНУ, Таки Фити, вели дека Република Македонија, според клучните показатели за квалитетот на истражувачкиот и иновативниот процес, многукратно заостанува не само во однос на високоразвиените земји во светот, туку и во однос на земјите од Европската Унија. Како последица на ова, Светскиот економски форум помеѓу 132 земји ја рангира Македонија на 111. место.

За научноистражувачката дејност се издвојуваат 52% од бруто-домашниот производ. Ова е последен официјален податок со кој неодамна излезе Министерството за образование и наука кое е надлежно за финансирање на оваа сфера. Според академската јавност, во реалноста не само што овој процент е многу помал, бидејќи во него влегуваат и платите на  научниците, туку е итно потребно негово зголемување.

„Мојата проценка е дека издвојувањето на буџетските средства  за  четири до пет години треба да порасне барем за 1,2%“, вели претседателот на МАНУ – Таки Фити. Како аргумент, тој наведува неколку показатели. Република Македонија, според клучните показатели за квалитетот на истражувачкиот и иновативниот процес, многукратно заостанува не само во однос на високоразвиените земји во светот, туку и во однос на земјите од Европската Унија. Како последица на ова, Светскиот економски форум помеѓу 132 земји ја рангира Македонија на 111. место. Структурата на издвојувања за истражување и развој по сектори (бизнис, Влада, високо образование и непрофитен сектор) е неповолна, со маргинално учество на бизнис секторот од 0,04%. Бројот на истражувачи со полно работно време е сведен на 1,6 истражувачи на 1000 жители, што е два пати помалку од Бугарија, речиси 2,5 пати помалку од Хрватска и 4 пати помалку од просекот на ЕУ.

Слични се и аргументите на  професорите кои научноистражувачка работа ја остваруваат во рамките на универзитетите. Според нив, не само што износот што се издвојува за наука е низок, туку и неговата употребна вредност е доведена во прашање. „Во последните неколку години, МОН распишува два вида конкурси: Конкурс за финансирање на публикувани трудови во списанија со импакт-фактор и Конкурс за финансирање на учество на меѓународен собир/конференција“, вели универзитетската професорка Снежана Билиќ. Според неа, ниеден од нив не ги финансира националните научноистражувачки проекти, туку ги наградува резултатите  на  научниците со симболична сума средства. Во прилог на тезата го наведува фактот дека последниот конкурс што го објавил МОН, а се однесувал на научноистражувачки проекти, е од 2011 година, кој никогаш не бил спроведен. Како апсурден го посочува податокот дека во 2016 година, за национални програми и проекти биле предвидени 62 илјади евра. Од друга страна, за индивидуални стипендии за втор и трет циклус на студии во земјата и во странство биле обезбедени 1,4 милион евра. Ова е причината поради која професорите тврдат дека  науката во Македонија е без извор и инструменти за финансирање најмалку во последниве пет години. Научните работници и истражувачи се принудени своите истражувачки активности да ги финансираат со помош на меѓународни извори, а не е мал бројот на оние што, во рамките на универзитетите и научните институти, не добиваат никакво дополнително финансирање за своите истражувачки активности, освен износите што ги примаат како плата.

Научноистражувачката дејност во Македонија е регулирана со три закони: Законот за научноистражувачка дејност, Законот за високо образование и Законот за иновациска дејност. Сите се предмет на чести измени. Законот за научноистражувачка дејност има претрпено 10 измени од основниот текст (од 2008 година), Законот за високо образование (од 2008 година) е изменет 21 пат, а Законот за иновациска дејност кој е донесен во 2013 година има претрпено четири измени. Според професорите, овие измени се основната причина поради која тие стануваат неконзистентни и тешко применливи. „Така на пример, во Законот за НИД, одредени членови и тела, пред сѐ, експертски тела кои треба да ги одлучуваат и да ги распределуваат средствата се менувани и избришани, а тоа се: Националниот комитет за развој и Советот за НИД“, вели професорката Билиќ. За ново експертско тело е предвиден Националниот совет за високо образование, наука, иновации и технологија чија надлежност не е регулирана со Законот за НИД, туку со Законот за иновациска дејност, но тој сѐ уште не е основан од страна на Владата на РМ.

Како основен стратегиски документ, Законот за НИД ја предвидува Националната програма за високо образование и научноистражувачка дејност како четиригодишна програма која ја донесува Собранието на РМ, по предлог на Владата, а по претходно мислење на Националниот совет. Овој документ не е подготвен. Единствено јавно достапен стратегиски документ во областа на науката е Националната програма за научноистражувачка и развојна дејност (2012-2016), која не е усвоена од страна на Собранието, а за неа не е дадено ниту мислење од страна на Националниот совет.

Она што професорите го посочуваат како дополнителен проблем во целата ситуација се високите стандарди кои од нив ги бараат и се предвидени во законите за високо образование и за НИС. Условот за објавување на трудови во меѓународни списанија со импакт-фактор е еден од покарактеристичните. Така на пример, во член 96 од Законот за високо образование стои: „Во високообразовните установи кои изведуваат студиски програми од трет циклус на универзитетски – докторски студии, менторот на докторскиот труд треба да има најмалку шест објавени рецензирани научноистражувачки трудови во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од кои трудови кои имаат вкупно најмалку десет бода, согласно со член 95-а став 6 од овој закон во меѓународни списанија со импакт-фактор кои се од соодветната област во базата на Web of Science, во дадено поле, во последните пет години“.

Во истиот член стои и дека „високообразовната установа нема да дозволи одбрана на докторски труд на кандидат кој пред одбраната на докторскиот труд нема објавено два рецензирани научноистражувачки трудови како автор во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации, или трудови кои имаат вкупно најмалку пет бода, согласно со член 95-а став 6 од овој закон во меѓународно списание со импакт-фактор кои се од соодветната област во базата на Web of Science“.

„Проблемот е што вие не можете да дојдете до вакви резултати доколку немате национални истражувачки проекти“, вели професорката Анета Стојановска. Нејзините колеги  посочуваат дека во услови кога  не добиваат средства за истражување, не им се признаваат материјалните трошоци за настава и се единствено упатени на соработка со странски универзитети, апсурдно е со закон да бидат обврзани да публикуваат.

Според Министерството за образование и наука, поддршката  на науката континуирано се зголемува преку проширување на буџетските средства, но и на можностите, преку воведување на нови мерки  и бенефиции, кои во минатото не биле на располагање. „Од 2012 година се доделуваат научни субвенции во висина од 500 евра за објавени научноистражувачки трудови на домашни автори во меѓународни научни списанија со импакт-фактор“, вели министерот Пиштар Љутфиу. Науката се поддржува и преку обезбедување достапност на европската програма за наука и иновации – „Хоризонт 2020“ и тоа од 2014 досега преку неа се искористени речиси два милиони евра. Средствата се доделени на високообразовни институции, научноистражувачки центри и институции, јавната администрација, локалните самоуправи, бизнис заедницата… Како поддршка, на располагање се и стипендиите за постдипломски и докторски студии на најдобрите 100 светски универзитети. „На годишно ниво станува збор за високи суми од речиси 40.000 американски долари само за покривање на уписнината, а дополнително се покриваат и трошоците за живот, сместување и превоз. Во земјава функционира и Фонд за иновации и технолошки развој со почетен буџет од 10 милиони евра кој ги поттикнува работата и поврзувањето на образованието, науката и бизнисот преку креирање, развој и комерцијализација на иновации. Досега се  поддржани проектите на 37 субјекти на кои им се доделени 1,5 милион евра“, велат  надлежните во секторот за наука. Според нив, се поддржуваат и  националните истражувачки проекти  за кои во изминатите неколку години биле исплатени повеќе од 60 милиони денари.

Според МОН, Владата усвојува секоја година програма за научноистражувачка дејност врз основа на Законот за НИД. Се работи за документ во кој прецизно се дефинираат сите мерки, активности, проекти кои се предвидени да бидат финансирани во една тековна година, како и вкупниот буџет и извори на средства за нивно финансирање.

А. Б.