/ Прочитано:

851

АКМИС-системот како софтверско решение е застарено – извештај на Судскиот буџетски совет

Извештајот на Судскиот буџетски совет е на разгледување во Собранието. Извештајот содржи податоци за реализацијата на судскиот буџет во 2020 година.

Во соработка со Министерството за финансии, се вели во извештајот, да се обезбеди целосна примена на Законот за судски буџет во делот на обезбедување соодветен процент на судски буџет во однос на бруто-домашен производ и обезбедување целосна самостојност на судската власт во постапките за вработување и унапредување на вработените.

Судскиот буџетски совет изработи текст на Измена и дополнување на Законот за судски буџет и го достави до Министерството за правда. Се очекува во текот на 2021 година соодветна посветеност од сите надлежни институции за донесување измени на Законот за судски буџет во насока на натамошна целосна финансиска независност на судската власт.

Потребна е, се препорачува во извештајот, итна замена на серверската опрема во судската власт.

Понатаму во извештајот се препорачува дека е потребно воведување нови и надградба на софтверските решенија кои се во примена во судската власт. АКМИС-системот како софтверско решение веќе е застарено и има потреба од поголеми интервенции. Во текот на 2021 година треба да се направи анализа од досегашната примена на АКМИС-системот и да се утврди дали треба да се воведе нов софтверски систем или да се надгради постоечкиот.

Во извештајот се истакнува и дека обезбедувањето на донации за овие активности ќе биде од големо значење. Процесот на дигитализација на судството е, исто така, еден од приоритетите на судската власт, за што судската власт треба да посвети сериозно внимание и активности, и да обезбеди ресурси покрај од својот буџет и од донации.

Исто така, во извештајот се посочува дека е потребно: обезбедување средства за опремување на сите судници со опрема за аудиовизуелно снимање на рочиштата согласно закон; обезбедување соодветни просторни услови за Академијата за судии и јавни обвинители; обезбедување соодветни просторни услови за Вишиот управен суд, како и обезбедување услови за реновирање на зградата во која треба да биде сместен Управниот суд.

„Во соработка со Министерството за правда и Адвокатската комора да се изврши намалување на висината на цените на адвокатските услуги во однос на бранителите по службена должност, што влијае на средствата кои се издвојуваат за оваа намена од судскиот буџет и во консултација со експертската јавност;

Обезбедување на согласност од Министерството за финансии за обезбедени средства за вработувања на приоритетни работни места согласно Единствениот план за вработување во судската власт и Годишниот план за вработување во Судски совет на РСМ и Академијата за судии и јавни обвинители;

Изработка на функционална анализа на сите судии, потоа и донесување на нови систематизации на работните места во судовите;

Изработка на проекти за капитално инвестирање во судовите согласно проектирани средства за капитални инвестиции за наредните фискални години (во координација со Министерство за финансии);

Зградите во кои се сместени судските институции се стари, а посебно е алармантна состојбата со фасадата на Врховниот суд на РСМ и Основниот граѓански суд, зградата на Апелациониот суд Скопје и Основен граѓански суд Скопје, судовите со основна надлежност и сл. Судовите располагаат со голем број на предмети во работа и архивирани предмети, кои согласно Законот за архивски материјал треба да се чуваат определен период, а просторните услови не обезбедуваат во сите судови соодветен архивски простор. Обезбедувањето на потребни финансиски средства за реновирање и реконструкција за наведените згради да биде приоритет во идниот период“, се посочува во извештајот.

Ревизија на ДЗР во Врховниот суд: Не е донесен правилник за АКМИС-системот, една од забелешките на ревизорите

М.В