/ Прочитано:

3.677

„Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат

За љубовта кон правото разговараме со адвокатот Петро Јанура

Како се јави кај вас љубовта кон правото?

Тоа се случи на почетокот на правните студии на Правниот факултет во Скопје, кога се сретнав со учењето за природното право. Особено бев фасциниран од Џон Лок, основоположникот на либерализмот, како и од неговите следбеници. Џон Лок истакнал дека во согласност со природниот закон, кој е рационален, секој има право на свој сопствен живот, право на сопствена слобода и право на сопствен имот. Државната власт ги носи позитивните закони со цел да ги обезбеди природните права. Но, доколку власта ги загрозува природните права, тогаш луѓето имаат право да се побунат против угнетувачот за да се воспостави владеење на рационалниот природен закон. Либералните идеи кои се засноваат на принципите на слобода и еднаквост биле основа за започнување на Француската и Американската револуција  при крајот на 18 век. Импресивно е што идеите на Џон Лок и во денешно време имаат силно влијание врз концептот за неотуѓивите човекови слободи и права, принципите за поделба на власта и современиот модел на правна држава.

Зошто е потребна љубовта кон правото за еден правник да биде добар правник?

Нормално, за човекот да биде успешен, треба да го сака тоа што го работи. За мене, ако правото е љубов, тогаш адвокатурата е страст. Огромно е задоволството кога адвокатот триумфира во суд, а притоа знае дека е исправена одредена неправда или е постигната важна цел за неговиот клиент.

Вашиот совет до идните генерации правници

Да посетуваат обуки, семинари и програми за стажирање. На тој  начин ќе се стекнат со нови  практични искуства кои ќе им бидат потребни за понатамошниот развој во кариерата.

Февруари во Академик