АКРМ апелира да се обезбедат потребните услови за нормално одвивање на судскиот процес за предметот „27 април“
„Во текот на вчерашниот ден, 16.10.2018 година, во попладневните часови, Адвокатската комора на Република Македонија доби известување од група адвокати ангажирани како бранители во предметот КОК БР. 40/18, кој се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје“, велат од АКРМ.
Во известувањето, посочуваат понатаму од АКРМ, е наведено дека на рочиштето одржано на ден 16.10.2018 година на адвокатите не им биле овозможени елементарни услови да го следат распитот на загрозениот сведок, да можат да водат прибелешки и да поставуваат вкрстени прашања во интерес на лицата кои ги застапуваат.
„Заради надминување на состојбите околу условите за работа, Адвокатската комора на РМ апелира да се обезбедат потребните услови за нормално одвивање на судскиот процес, а сè со цел непречено и фер судење.
Во контекст на погоре наведеното, исто така, напоменуваме дека е потребно учесниците во постапката да укажат заемно почитување, да го почитуваат и да го чуваат угледот меѓусебно, и со коректен однос да придонесат за спроведување на законитоста во постапката. Таквите тенденции се должни да ги овозможуваат на пристоен начин и со допуштените правни средства.
Сметаме дека во интерес на законитоста на постапката потребно е сите учесници во неа доследно да ги почитуваат одредбите од Законот за кривичната постапка, а сè со цел нормално и непречено одвивање на судењето“, истакнуваат од Адвокатската комора на Република Македонија.
Начелото на јавност на постапката е едно од основните начела за гаранција на правото на фер судење
Предметот „27 април“ и маратонските рочишта во месечниот извештај за состојбата со човековите права
Кривичниот суд со соопштение за маратонските судења во предметот за 27 април
Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ не се чувствуваат виновни
Обвиненија за настаните во Собранието
М.В