АКРМ СО БАРАЊЕ ДО ВЛАДАТА: Адвокатите да можат да бидат предложени во постапките за избор на судии
Адвокатската комора на РМ во текот на вчерашниот ден достави допис – барање за дополнување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови до Владата и до Министерството за правда, како и до Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, со кој се предлага и адвокатите, како дел од правосудниот систем, да можат да бидат предложени во постапките за избор на судии.
Барањето на АКРМ го пренесуваме интегрално:
ДО ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ПРЕТСЕДАТЕЛ, Г-ДИН ЗОРАН ЗАЕВ
СОВЕТ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМИ НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР (2017-2022 година)
МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА, Д-Р РЕНАТА ДЕСКОСКА
Предмет: Барање за дополнување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови
Почитувани,
Во Законот за судови во член 46 да се вметнат следните одредби:
– За судија на Основен суд и Управниот суд може да се избере лице од редот на адвокатите со најмалку 10 години стаж по положен правосуден испит.
– За судија на Апелационен суд и Виш Управен суд може да се избере лице од редот на адвокатите со најмалку 15 години стаж по положен правосуден испит
– За судија на Врховен суд може да се избере лице од редот на адвокатите со најмалку 20 години стаж по положен правосуден испит.
Образложение:
Ваквата пракса за избор на судии е веќе постоечка и се применува во земјите членки на Европската Унија кон која се стремиме и тоа во Германија, Шпанија, Англија и др.
Изборот на професија е уставно загарантирано право на секој граѓанин и не може да биде ограничено со закон и други позитивни норми. Истовремено со предложениот закон се врши дискриминација врз лицата чија професија е адвокатурата и им се ограничува можноста да имаат слободен избор на професија во судството.
Со почит,
АДВОКАТСКА КОМОРА НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Претседател
Љубомир Михајловски, адвокат
Објавен и текстот на предложените измени на Законот за Судскиот совет
М.В