Активистите од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ ја промовираа платформата „Здравјето пред профитот“
Платформата „Здравјето пред профитот“ е порака до политичките партии, нагласувааат активистите од граѓанската иницијатива 'Во одбрана на Дебар Маало', потенцирајќи дека гласот од граѓаните на Општина Центар ќе го добијат оние кандидати за градоначалници и советници што ќе понудат програма за поквалитетен живот во општината и што експлицитно ќе се обврзат да ја реализираат во предвидениот мандат од четири години.
Платформата наречена „Здравјето пред профитот“ содржи 43 барања кои граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ на месец и пол пред одржување на локалните избори ги упати до сите кандидати за градоначалници и советници на Општина Центар и на Градот Скопје.
Активистите од граѓанската иницијатива велат дека платформата е порака до политичките партии, нагласувајќи дека гласот од граѓаните на Општина Центар ќе го добијат оние кандидати што ќе понудат програма за поквалитетен живот во општината и што експлицитно ќе се обврзат да ја реализираат во предвидениот мандат од четири години.
„Очекуваме нашите права да се остваруваат и квалитетот на животот постојано да се подобрува во согласност со стандардите за урбаното живеење во 21 век. Ние, граѓаните кои живееме во Општина Центар, а особено во Дебар Маало 1 и 2 и Градски парк, сметаме дека општинските власти со години не ги спроведуваат, или само делумно ги спроведуваат, а честопати дури и ги изигруваат или забораваат изборните ветувања“, истакнуваат активистите од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.
Ова се конкретните предлози што се содржани во платформата „Здравјето пред профитот“:
Законско и транспарентно работење на Општината по пат на:
интерактивна, отворена, ажурирана и функционална веб-страница и контакт и-мејл адреси;
стопирање на издавање нови одобренија за градба и воведување мораториум за градба според веќе предложените барања на граѓаните додека не се изготви нов ДУП според сите стандарди и без случајни превиди;
ревидирање на сите усвоени (донесени) детални урбанистички планови (ДУП) како и ДУП-ови во фаза на подготовка или доработка. Објавување на донесени и ДУП-ови во фаза на подготовка на веб-страницата на Општината според системот кој служеше за објава на графичкиот дел и објава на текстуалниот дел. Да се прекине со практиката во секој нареден ДУП да се зголемува дозволената висина на објектите во Дебар Маало. Бараме сегашните дадени 19 м да останат максимум дозволена висина и да не се усвојува новата од 21 м предложена со спорниот и повлечен ДУП;
итна проверка и споредба на прикажаните податоци во текстуалните делови на ДУП и реалните податоци на терен. Проверка на препораките од ГУП-от со оние во текстуалниот дел на ДУП-от;
детална анализа и професионални студии за демографија, зеленило и животна средина, сообраќај, безбедност и заштита, како и комунална инфраструктура и нивно користење и спроведување при изработка на ДУП;
експлицитно и неселективно почитување на постојната законска регулатива за височина и габарит на градба, за застапеност на зеленило во рамки на парцела и обезбеден вистински функционален паркинг-простор според нормативи;
правичен и неселективен ангажман на инспекциските служби и соработка со државни инспекторати;
советниците сами да се повлекуваат од носење одлуки со гласање во кои има конфликт на интереси.
Детални урбанистички планови што гарантираат квалитетни услови за живеење и работа преку:
транспарентност во изработката на ДУП-овите и вклучување на што поголем број жители со користење нови форми на партиципативност (веб-анкети и јавни расправи) и претставување на предлог-новите планови, а во согласност со законот;
тргање од употреба на образецот кој одобрува неспроведување на наведените анализи. Со тоа ќе се исклучи манипулација со реалните вредности;
евиденција на јавниот простор, простор со комунална намена и државно градежно земјиште и испитување на легалноста со која државно земјиште било претворано во приватно во минатото, но сè уште не е изградено. Постојниот комунален простор, на пр. пазарчето Буњаковец, да ја задржи како единствена основната намена, а општинските власти заедно со „Скопски пазар“ да ги подобрат работните услови на пазарите што влијаат и врз квалитетот на живеење на жителите во околните резиденцијални објекти;
исполнување на законската обврска – одговор на анкетните листови од граѓаните за ДУП-от „Дебар Маало 1 и 2“, „Буњаковец и Градски Парк 1“ и „Дебар Маало 2“.
Решенија за сообраќај и животна средина што гарантираат здравје и безбедност:
инспекциите интензивно да работат на проценка на извори и типови на загадување и транспарентно да ги објавуваат резултатите;
итни мерки за намалување на загадувањето од сообраќајот и ограничување на сообраќајот во резиденцијалните квартови. Соработка со сообраќајната полиција за почитување на постојната Зона 30, како и слободни пешачки патеки;
забрана за градежни активности во месеци со покачено ниво на загадување;
строга контрола на градежните активности во однос на заштитата на животната средина;
стимулации и казни;
да се поттикнува и да се подига свеста на граѓаните за енергетската ефикасност на објектите и користењето алтернативни извори на енергија,
намалување на бучавата преку инспекциски контроли и обезбедување тивка зона во близина на образовни и здравствени институции;
реална проценка на сообраќајот и мерки за минимизирање на доток на сообраќај над расположливите капацитети;
студија со издржани податоци за моментални токови, тесни грла, црни точки, временски застои и капацитети на улична мрежа и паркинзи;
соработка со надлежни служби за подобрување на јавниот превоз при специјални настани во градски парк, стадион итн., сè додека не се реши паркинг-просторот;
поттикнување и обезбедување континуирани патеки за безбеден немоторизиран сообраќај;
целосно враќање на тротоарите на пешаците;
целосно затворање на делници за возила (временски зони за движење) и еден ден во годината без автомобили, во целост исполнет;
ограничување на времето за дотур на стоки вон стандардното работно време;
во соработка со надлежните министерства, организирање комунална полиција од цивилни лица кои живеат во општината. Ангажманот може да биде со пензионери, млади лица и самохрани родители кои ќе поминат обука или самопријавени волонтери. Работните часови да бидат според нивните можности и надоместокот да биде како помош за овие групи што живеат во општината;
изработка на студии за асеизмичност, за заштита и безбедност, како и студии за обезбеден пристап на пожарна, брза помош итн. до секој објект.
Програма за инклузивност, образование, култура и културно наследство што ќе ги одбележува локалните урбани истории и трансформации:
програма за инклузија на лицата со посебни потреби во образованието (наставна програма); пристап за лица, особено ученици со физичка попреченост до сите институции во Општината;
дефектолози во секое основно училиште, партиципација за придружен асистент за лица со посебни потреби (кои имаат потреба од тоа, а за време на училиштето), а во соработка со надлежни министерства;
организирање активности и предавања за прифаќање на различностите, а наменети за повеќе целни групи: ученици, наставници, граѓани. Особено внимание при јавни настапи на нашите идни претставници и некористење на различноста во негативна конотација;
јавно објавени годишни програми на образовни институции (ООУ) и детско згрижување (градинки) и објава на општи резултати на учениците во ООУ, награди, стипендии и натпреварувања и споредба со резултати на ниво на град Скопје и на РМ
објавување податоци за капацитетот на градинките, бројот на запишани деца и бројот на деца по воспитувач и негувател. Транспарентност на покриеност на потреби на жители на општината.
комуникација со советите на родители во ООУ и дефинирање потреби за поквалитетна настава, транспарентност на договори за издавање на простори во ООУ и дефинирани приоритети за искористување на средства и објавување избрани компании кои ги најмува Општината за потреби на образованието: исхрана, транспортни компании, училишта за странски јазици, спортски клубови, обезбедување;
преземање иницијатива и потребни мерки со надлежни институции и во соработка со жителите да се заштити постојната и да се прошири зоната на старо урбано јадро и објекти под заштита;
програмите од областа на културата да ги обработуваат и направат јавно достапни историјата и животот на граѓаните во старите урбани јадра;
обележување на сите објекти кои се водат како културно-историско наследство во маалото;
одговорно и демократско финансиско работење и планирање на буџетот:
транспарентност и отчетност во планирањето на средствата на Општината според приоритетите и потребите на граѓаните;
наменско користење на средствата;
навремено известување на јавноста за кварталните извештаи што ги усвојува Советот на Општината, а кои се однесуваат на трошењето на општинските буџетски средства по квартали;
вистинска, а не фиктивна партиципативна демократија и учество во креирањето на програмите за развој на општината;
учество на граѓаните во работењето на локалната самоуправа;
активирање на урбаните заедници, со обезбеден простор и финансии од Општината;
редовни средби и консултации со советници во Општината.
А. Б.