/ Прочитано:

1.093

Најголема корупциска афера во историјата на Хрватска, под истрага се 600 доктори

Петок, 12 ноември 2012 – Хрватска доби уште една голема корупциска афера. Со акцијата „Хипократ“ од денеска под истрага се 600 матични доктори од целата земја поради примање на мито. Наводно, земале пари за да нудат лекови од фармацевската компанија „Фармал“. Полицијата ја уапси целата Управа на компанијата и 27 теренски работници. 

Компанијата „Фармал“ во Лудбрег, општина Вараждин

Истрагата траела 3 месеци и покажала дека стотици матични доктори во текот на годините примале мито за да препишуваат лекови на фармацевската компанија „Фармал“. Во Лудбрег, град во општина Вараждин во тек е голема акција на Одделението за сузбивање на криминал и корупција (УСКОК) именувана според таткото на медицината „Хипократ“.

Уапсена е целата Управа на „Фармал“ од Лудбрег, која е дел од големата германска компанија „Дермафарм“ поради давање мито на доктори за да нудат лекови што се произведуваат во нивните погони. Под истото сомнение уапсени се сите 27 теренски работници од „Фармал“, до сега е сигурно дека ќе им стави на товар делото злосторничко здружување.

Дражен Деди, претседател на Управата на „Фармал“

На паркингот пред влезот нa компанијата немало возила, просториите биле во мрак, немало знаци дека внатре има некој и дека компанијата работи. На паркингот било само возилото на хрватското Државно обвинителство.

Управата на „Фармал“ во моментов е во полициска станица, а до вечер се очекува да биде однесена во канцелариите на УСКОК. Наводно, ќе бидат уапсени уште 50 доктори поради тоа што ги фаворизирале лековите на „Фармал“, а за тоа добивале пари. Според хрватските медиуми, обвинителството било шокирано од сознанието дека се работи за систематска пракса, односно дека сите фармацевски куќи работат на ист принцип. Имаат договор со лекарите  и им плаќаат пари на црно, а сумата зависела од количината на пропишаните лекови.

Хрватските власти најавуваат дека ќе ја известат Владата на Германија од која исто така планираат да побараат соработка   доколку се утврди дека германската компанија „Дермафарм“ е вмешана во аферата.