Амбасадор на Стејт департментот и порачува на македонската власт да ги истражи и процесуира хашките предмети
Понеделник, 8 април 2013 – Амбасадорот на американскиот Стејт департмент за воени злосторства, Стивен Рап, смета дека воени злосторства во Македонија од 2001 година треба да бидат истражувани и процесуирани од страна на македонската власт.
На трибина организирана во Институтот Брукингс во Вашингтон, амбасадорот за воени злосторства Стивен Рап проговорил за таканаречените хашки случаи кои во земјава беа вратени од Хаг и од пред некоја година амнестирани со Законот за амнестија.
„Сметам дека пресудите што се носат на меѓународно ниво треба да бидат ограничени на најсериозните дела коишто имаат најшироки последици. Но, на ниво на државите исто така треба да има гонење на сериозните прекршители и тоа треба да се направи на балансиран начин. Ако имало кршење на правото од двете завојувани страни, тогаш двете страни треба да бидат истражени и обвинети. Ова се одлуки коишто треба да ги донесат обвинителите, во демократски процес, заснован на владеење на правото и треба да ги одразат погледите на општеството. Без навлегување во индивидуални одлуки, секогаш интерес е правдата да биде фер и независна од етничката припадност, националноста и религијата. Сериозните злосторства треба да се соочат со правдата, независно од која страна доаѓаат“, изјавил амбасадорот на американскиот Стејт департмент за воени злостоства, Стивен Рап.
Стивен Рап е прв човек на Канцеларијата за глобална кривична правда во Стејт департментот и поранешен обвинител во случајот против поранешниот претседател на Либерија, Чарлс Тејлор. Поранешниот претседател минатата година беше осуден на 50 години затвор од Судот на ОН за воени злосторства. Обвинителот Рап го гонеше за помагање на бунтовниците во африканската држава Сиера Леоне за време на граѓанската војна од 1991 до 2002 година.
Хашките случаи познати како „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година беа вратени во македонските судови. Од сите четири предмети само случајот „Мавровски работници“ влезе во судска постапка, останатите предмети неколку години се наоѓаа во Државното јавно обвнителство. На 20 јули 2011 година, Собранието на РМ ги амнестираше сите предмети што се поврзани со воениот конфликт од 2001 година. Подоцна, Законот за амнестија беше потврден и од Уставниот суд на РМ.