/ Прочитано:

578

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, официјално ѝ го предаде Извештајот на ЕУ на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми

Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, денеска на претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, официјално ѝ го предаде Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија во 2022 година.

Претседателката на Врховниот суд искажа благодарност до амбасадорот Гир за официјалното предавање на Извештајот на ЕУ во највисокиот суд во државата и претставник на судската власт, чии активности и заложби се нотирани во новиот извештај.

„Посебно ни значи што во Извештајот на Европската комисија за прв пат се нотирани како позитивни активностите на Врховниот суд на Република Северна Македонија во поглед на напорите за подобрување на конзистентноста во пресудите и усогласување на судската практика, донесувањето на новиот Деловник за работа на Врховниот суд, усвојувањето на начелните правни мислења, ставови и заклучоци кои редовно се објавуваат на веб страницата на Судот, како и за потпишувањето на Декларацијата за отворено судство, која треба да помогне да се подобри транспарентноста и довербата на јавноста во судството. Ваквите констатации на Европската Унија за нас како суд претставуваат големо охрабрување“, истакна Адеми.

Амбасадорот Гир нагласи дека нотирањето на активностите и напорите на Врховниот суд во Извештајот на ЕУ е силен знак за посветеноста и придонесот на Врховниот суд во реформскиот процес и дека реформите треба да продолжат со истата посветеност во интерес на граѓаните. Амбасадорот истакна дека професионалноста е најсилната гаранција за ефикасноста и за независноста на секое судство и дека капацитетот на институциите е од суштинско значење за остварувањето на правдата.

На денешниот настан, на кој присуствуваа сите судии од Врховниот суд на Република Северна Македонија, се обратија и судиите Џемали Саити и Мирјана Лазарова Трајковска, кои истакнаа дека меѓународната соработка и соработката на највисокиот суд во државата со Европската Унија е од голема важност во спроведувањето на реформскиот процес и дека Врховниот суд ќе биде многу посветен на новата Стратегија за реформа на правосудниот сектор, која во Извештајот на ЕУ е посочена како клучен документ за правосудството.