/ Прочитано:

861

Американски и македонски судии утре ќе одржат семинар на тема „Улогата на судијата во акузаторната постапка“

Понеделник, 11 февруари 2013 – Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Скопје организира дводневен семинар на тема: „Улогата на судијата во акузаторната постапка“, кој ќе се одржи на 12 и 13 февруари 2013 година во хотел „Александар Палас“ во Скопје со почеток во 09:30 часот.

На семинарот ќе присуствуваат судии од кривичните оддели, од сите инстанци, од апелационото подрачје Скопје, како и судии од САД кои работат на кривична материја.

Целта на семинарот е преку панел дискусии и презентации да се разменат практични искуства во насока на унапредување на казнениот систем на Република Македонија преку јакнење на улогата на судијата во текот на акузаторната постапка. Американскиот правосуден систем низ искуствата од праксата ќе го презентираат судии од САД, додека националното казнено законодавство ќе го презентираат национални судии.

Семинарот со воведно обраќање до присутните ќе го отворат: Н.Е. Пол Волерс, амбасадор на САД во Република Македонија,  Александра Зафировска, претседател на Судскиот совет на РМ; Лидија Неделкова, претседател на Врховниот суд на РМ; Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители на РМ и Николчо Николовски, судија на Врховниот суд на РМ и претседател на Здружението на судии на РМ.