/ Прочитано:

881

Американските власти бараат од Русија да го екстрадира Едвард Сноуден

Понеделник, 24 јуни 2013 – Американската влада побара од Русија испорака на Едвард Сноуден, човекот што ги објави информациите за тајната американска програма за следење на компјутерските комуникации наречена Призма. 

Изутринава од Белата куќа сооштија дека од руската влада очекуваат да ги разгледа сите опции кои стојат на располагање за да го врати Едвард Сноуден во САД. 

Претходно, Хонгконг не сакаше да го испорача на САД, па како што јавуваат медиумите, тој со помош на „Викиликс“, заминал во Русија, од каде што го продолжува патот кон Исланд или Еквадор. 

Изутринава Сноуден побара азил од Еквадор. Моментално тој се наоѓа на московскиот аеродром Шереметјево, во транзитна зона. Министерот за надворешни работи на Еквадор, Рикардо Патино, на својот Твитер профил ја објавил веста за азил на Сноуден. 

Пред неколку денов, американското Обвинителство поднесе кривична пријава за шпионажа против Едвард Сноуден. Американските власти го гонат за кражба на владин имот, неовластено соопштување на информации на националната одбрана и намерна комуникација на доверливи разузнавачки податоци со неавторизирано лице.

Едвард Сноуден обелодени дека со програмата Призма американската тајна служба НСА ги следела телекомуникациите на странските делегации на лондонскиот состанок Г-20. Поранешниот разузнувач во јавноста ја изнесе масивната програма на разузнавачките служби на САД за прислушување и следење на комуникациите на милиони лица во целиот свет.