/ Прочитано:

1.683

„Амнести интернешнл“: Говорот на омраза што го користат политичарите е глобана опасност

Амнести интернешнл“ посочува дека меѓу лидерите што во своите настапи манифестирале говор на омраза во текот на минатата година се претседателите на САД, Турција и Филипините, односно Доналд Трамп, Реџеп Таип Ердоган и Родриго Дутерте, како и унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Политичарите бесрамно и активно промовираат реторика и политики на омраза врз основа на идентитетот на луѓето, расизмот, омразата кон жените и хомофобијата“.

Организацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешнл“ во својот најнов извештај оценува дека политичките лидери од целиот свет со своите говори ја поттикнуваат омразата и намерно создаваат страв и вознемиреност меѓу одредени категории луѓе.

„Отровната реторика“, како што се нарекува говорот што го практикуваат политичарите, според „Амнести интернешнл“, постојано го прави светот поопасно и помрачно место за живеење.

Во извештајот посветен на почитувањето на човековите права во 159 земји од целиот свет во текот на 2016 година, организацијата наведува дека 2016 година била година на „цинично користење на реториката ‘ние против нив’“, при што заканите, омразата и стравот добиле глобални размери до ниво што „не е забележано од 30-тите години на минатиот век, кога нацистичкиот лидер Адолф Хитлер дојде на власт во Германија“.

„Амнести интернешнл“ посочува дека меѓу лидерите што во своите настапи манифестирале говор на омраза во текот на минатата година се претседателите на САД, Турција и Филипините, односно Доналд Трамп, Реџеп Таип Ердоган и Родриго Дутерте, како и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Тие со своите зборови и со нивната крајно агресивна политика сурово омаловажуваат цели општествени групи и ја шират идејата дека некои луѓе се помалку вредни од другите. Први на удар се мигрантите и бегалците“, тврди организацијата во годишниот извештај кој брои 408 страници.

Најфрапантни примери за говор на омраза, според „Амнести интернешнл“, се указот на американскиот претседател Трамп за забрана за влез во САД на државјаните од седум претежно муслимански земји, која беше блокирана со судска одлука, но и договорот меѓу Европската Унија и Турција за запирање на мигрантскиот бран кон Европа, со кој се предвидува враќање на илегалните мигранти во Турција.

„Говорот што го практикуваше Трамп во текот на претседателската кампања илустрира една глобална тенденција на гневни политики на поделби. Политичарите бесрамно и активно промовираат реторика и политики на омраза врз основа на идентитетот на луѓето, расизмот, омразата кон жените и хомофобијата. Прва цел се мигрантите, но ако ваквата тенденција продолжи и во текот на 2017 година, цел на напади може да станат и други категории луѓе“, посочува организацијата во извештајот.

При презентацијата на извештајот, директорот на „Амнести интернешнл“ за Европа, Џон Далхаузен, истакна дека странците и муслиманите од страна на европските лидери се претставени како закана за безбедноста, како крадци на работните места и како злоупотребувачи на социјалните системи во државите членки на Европската Унија. Според Далхаузен, глобалниот тренд на нехуманата реторика која ја користат политичарите против етнички или религиозни малцинства, а сѐ со цел да ја засилат нивната политичка моќ, мора да престане, бидејќи, како што рече, сеењето страв е опасна сила што може да донесе сериозни проблеми.

„Време е да застанеме сите заедно и да ја запреме политиката на демонизација којашто создава поделен и опасен свет. Не смееме повеќе да дозволуваме реториката на страв и омраза да го уништува отвореното општество коешто се базира на еднаквост“, истакна Далхаузен.

А. Б.