/ Прочитано:

1.688

Аналитика: Јавното приватно партнерство да биде во интерес на граѓаните, а не само бизнис-интерес

„Аналитика“ ги претстави заклучоците од истражувањето „Јавно приватно партнерство: проблеми и можности во Република Македонија“.

Бојана М. Христовска  ги нотираше клучните проблеми при спроведувањето на проектите на ЈПП на национално и на локално ниво и ги сподели наодите од Државниот завод  за ревизија од извршената ревизија на ЈПП на локално ниво. „Со цел успешна имплементација на проекти со ЈПП, потребно е зајакнување на институционалните капацитети на централно и локално ниво. Непочитувањето на одредбите од Законот и пропустите во начинот на спроведување на отворената постапка за доделување на договор за ЈПП се главните проблеми“, истакна Бојана М. Христовска.

Тамара М. Спасова ги презентираше препораките од анализата за подобра имплементација на ЈПП и ја потенцираше важноста од вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на ЈПП, со цел да биде катализатор, лидер и доминантен партнер свесен за важноста на јавните интереси. „Кон ЈПП треба да се пристапи многу внимателно. Дијалогот и дискусијата за ЈПП треба да се иницираат во земјата, вклучувајќи ги сите релевантни засегнати страни со цел да се продлабочи разбирањето за овој концепт. Оваа алатка (ЈПП) за финансирање на јавни услуги треба внимателно да се користи имајќи предвид дека генерира имплицитен долг. Постои ризик од корупција земајќи ги предвид опфатените области, висината на договорите, како и долгиот период на траење на договорите, а транспарентноста е предуслов за спречување на корупцијата“, истакна Тамара Спасова.

На настанот свое излагање имаше и д-р спец. Саша Максимовски кој има повеќегодишно практично искуство и експертиза во делот на проектен менаџмент со модели на ЈПП. Тој смета дека системското воспоставување на еден поефикасен институционален модел на менаџирање со проектите на ЈПП во РМ бара ревидирање на постојниот систем или воспоставување на нов кој ќе се базира на стратегиски развојни документи. „Соодветна подготовка и следење на спроведувањето на проектите на ЈПП, земајќи ги предвид пошироките економски, социјални и еколошки цели, како и придобивките за јавниот партнер кој е важен фактор во развојот на проекти на ЈПП, се услови за успешна имплементација на ЈПП“, истакна Саша Максимовски.

Проектот е поддржан од „Цивика мобилитас“, а целосното истражување наскоро ќе биде достапно на интернет-страницата на организацијата „Аналитика“.

М.В