„Аналитика“: Прв квартален извештај за работата на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и Дирекцијата за заштита на лични податоци
Истражувањето на „Аналитика“ покажува дека најголем број од жалбите до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер завршиле со позитивен исход за барателите на информации. Најголем број од жалбите, како што стои во извештајот на „Аналитика“, се однесуваат на т.н. молк на администрацијата, па сепак, по отпочнувањето на жалбената постапка, барателите најчесто ги добиваат бараните податоци.
„Аналитика“ го објави првиот квартален извештај од следењето на работата на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и Дирекцијата за заштита на лични податоци.
Нивното истражување покажува дека најголем број од жалбите до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер завршиле со позитивен исход за барателите на информации.
Најголем број од жалбите, како што стои во извештајот на „Аналитика“, се однесуваат на т.н. молк на администрацијата, па сепак, по отпочнувањето на жалбената постапка, барателите најчесто ги добиваат бараните податоци.
„Сепак, дел од институциите воопшто не одговараат на дописите на Комисијата и сѐ уште се потребни обуки за правилно спроведување на законот. Во однос на жалбите за одбиен пристап поради степен на класификација на бараните информации, Комисијата во сите случаи ги потврдила решенијата за одбивање на пристапот“, се заклучува во извештајот на „Аналитика“.
Во однос на транспарентноста, Дирекцијата за заштита на личните податоци има забележителна и континуирана активност во медиумите, особено на радио, печатените медиуми и социјалните мрежи. Нејзината интернет страница има сеопфатни и лесно достапни информации за граѓаните, како и можност за електронско поднесување на барање за утврдување на повреда на правото на приватност и иницијатива за инспекциски надзор.
„На граѓаните им се потребни повеќе чекори да добијат информации за остварување на правото на пристап до информации, а Комисијата за заштита на ова право е помалку присутна во традиционалните медиуми и социјалните мрежи. Интернет страниците на двете тела се редовно ажурирани, а страницата на Дирекцијата треба дополнително да се уредува на албански јазик. И двете тела во иднина треба да покажат поголема проактивност во својата работа. Политичката нестабилност и отсуство на функционална законодавна власт може да имаат негативно влијание врз нивната работа. Позитивно е тоа што и двете тела навремено ги објавија своите програми за работа за 2017 год. Сепак, тие немаат прецизна временска и финансиска рамка што може да придонесе за тешкотии во реализацијата“, се наведува во извештајот на „Аналитика“.
Главна цел на овој проект, како што соопштуваат од „Аналитика“, е зголемена јавна контрола преку следење на работата на овие две тела, со единствена цел подобрување на нивните перформанси, ефективност, транспарентност, како и отчетност, што во крајна линија ќе придонесе за воспоставување на отчетен јавен сектор.
А. Б.