/ Прочитано:

2.109

„Аналитика“: Во Македонија е неопходна национална стратегија за сајбер безбедност

Посериозен сајбер напад на инфраструктурата во Македонија би можел да предизвика штета од неколку милиони евра и да ја парализира државата. Ова може да се случи и во држава со поголема сајбер отпорност, а не пак во држава како Македонија која сè уште нема развиено стратегија. Токму затоа, таков документ, односно национална стратегија, би поставил рамка што ќе ги води, координира и насочува напорите на соодветни релевантни владини институции, како и други засегнати страни како што се академските институции, приватниот сектор, како и граѓанскиот сектор.

Сајбер безбедноста е еден од најважните приоритети на многу влади и компании ширум светот. Сајбер безбедноста е важна поради зависноста од ИТ- инфраструктурата за секојдневното функционирање на битните институции во државите, како што се училиштата, болниците, аеродромите, електричната мрежа, интернет провајдерите итн.

Во студијата на Филип Стојковски од Центарот за истражување „Аналитика“, се наведува дека Република Македонија има релативно скромно искуство кога станува збор за сајбер безбедноста и сајбер заканите.

„Досега имало неколку случаи на незаконски упади во веб-страници на институции, како и д-дос напади, а воедно и сајбер криминалот е во пораст. Поради помалиот обем на сајбер напади со кои институциите и компаниите во Македонија се имаат соочено, концептот на сајбер безбедност не е високо на агендата на чинителите во Македонија“, покажува истражувањето на Стојковски.

Тој вели дека Македонија најголемо внимание од сајбер заканите има посветено на справување со сајбер криминалот. Она што е најважно, како што потенцира Стојковски во своето истражување, за успешно справување со сајбер заканите, потребно е да се има јасно дефинирана национална стратегија за сајбер-безбедност.

„Таков документ би поставил рамка што ќе ги води, координира и насочува напорите на соодветни релевантни владини институции, како и други засегнати страни како што се академските институции, приватниот сектор, како и граѓанскиот сектор. Властите во Македонија во моментот работат на креирање сајбер стратегија, во која водечката улога ќе ја има МВР. За целите на оваа стратегија се инволвирани голем број чинители, кои спаѓаат во повеќе категории: државни институции, односно МВР, Министерство за одбрана, Агенција за разузнавање, Центар за управување со кризи, Дирекција за безбедност на класифицирани информации, Дирекција за заштита на лични податоци, Министерство за образование и наука, Агенција за електронски комуникации, Министерство за информатичко општество и Јавното обвинителство, потоа приватниот сектор, односно Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, во чиј состав спаѓаат 69 компании, како и невладиниот сектор“, истакнува Стојковски во својата студија.

Според неговите анализи, важно е дополнително да се вклучи невладиниот сектор во процесот на изготвување и имплементација на стратегијата, што би придонело до поголема транспарентност и би ѝ дало дополнителна легитимност на стратегијата.

„Ова е важно со цел да се зголеми довербата на јавноста, што е особено значајно со оглед на политичката криза во Македонија, која беше предизвикана од незаконското прислушување, што ѝ дава на јавноста право за сомнеж околу стратегијата за сајбер безбедност. Од особена важност е стратегијата да се финализира што поскоро, со еден сеопфатен пристап каде што би биле вклучени сите релевантни чинители. Важно е стратегијата да биде финализирана што поскоро, за да можат сите инволвирани страни да почнат да работат на нејзина имплементација. Посериозен сајбер напад на инфраструктурата во Македонија би можел да предизвика штета од неколку милиони евра и да ја парализира државата. Ова може да се случи и во држава со поголема сајбер отпорност, а не пак во држава како Македонија која сè уште нема развиено стратегија“, потенцира Стојковски во своето истражување.

А. Б.