/ Прочитано:

2.744

„Аналитика“ за предностите од директното вклучување на домаќинствата во енергетскиот систем, во светло на новите измени на Законот за енергетика

Студијата „Мрежно мерење во Република Македонија, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија?“ која ја подготви „Аналитика тинк-тенк“, го разгледува директното вклучување на домаќинствата во енергетскиот систем на РМ.Една од мерките за стимулирање на ваквиот развој е токму можноста физички лица без формирање на фирма да можат да произведуваат електрична енергија од обновливи извори и неа директно да ја предаваат во системот со можност за „порамнување“ со дистрибутерот на електрична енергија.

Засега ваква можност не постои, со што напредокот, иако го има во секторот на обновливи извори, е бавен и недоволен. Во моментов е во тек изработката на новиот Закон за енергетика, па оттука ова е вистинско време надлежните институции да ја разгледаат и имплементираат оваа мерка во новите законски решенија.

Придобивките од законските измени со кои би им се овозможило на домаќинствата да ја предаваат својата струја во системот се големи. Првата и најважна придобивка е зголеменото користење на сончевата енергија.

„Ако Македонија има потенцијал да произведе 4.4. TWh во 2050 година, тогаш ситуацијата е јасна, граѓаните и индивидуалните домаќинства мора поактивно да се вклучат во искористувањето на сончевите потенцијали кои ги има Македонија и едниот начин тоа да се оствари е преку овозможувањето на мрежното мерење.

Исто така, втора придобивка е намаленото загадување преку користењето на обновливи извори на енергија, а трета придобивка е креирање работни места и поттикнување на приватни инвестиции.

„Мрежното мерење ја зголемува побарувачката за системи за соларна енергија, што пак создава работни места за инсталатери, електричари и производители кои работат во синџирот на снабдување кај соларната енергија“, се посочува во студијата на „Аналитика тинк-тенк“.

Според американската литература, се појаснува во анализата, каде што и започна најпрво да се спроведува мрежното мерење, заклучокот за трошоците и придобивките од мрежното мерење е дека: економските придобивки од мрежното мерење, всушност, ги надминуваат трошоците и не наметнуваат никакво позначајно зголемување на трошоците за несоларните клиенти.

„Далеку од мрежен трошок, мрежното мерење во повеќето случаи претставува мрежна корист за снабдувачите и за несоларните плаќачи на сметките. Дистрибуираните соларни системи можат да помогнат да се избегнат значителни инвестиции во инфраструктурата, да се намали притисокот врз државното производство на електричната енергија базирано врз фосилни горива кога побарувачката е во пик и со пониски цени“, се вели во анализата.

Големиот пад на цените на фотонапонски системи доведе до воведување на мрежното мерење и мрежната исплата како нови модели. Идејата на овие модели е да поттикне самостојно задоволување на енергетските потреби како независна претприемничка активност.

Мрежното мерење и исплата предвидени за самостојно снабдување имаат додадена предност со тоа што инвестициите во дистрибутивната мрежа се поисплатливи отколку кај системот со загарантирани цени (повластените тарифи). Мрежното мерење понатаму ја поттикнува свеста за исполнување на обврските за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија за сите, не само за „големите“ инвеститори.

Потребно е да постои можност за формирање на енергетски задруги кои би можеле да помогнат во развојот на мрежното мерење и со тоа би го олесниле користењето на ОИЕ во Македонија.

„Во текот на последните неколку години, низ целиот свет се основани повеќе илјадници енергетски кооперативи кои имаат за цел преку здружување луѓето да обезбедат пристап до обновлива енергија, да ги инвестираат своите заштеди во нивната иднина добивајќи сигурен прилив и поврат на инвестицијата. Предноста на задругата е голема – добивате субјект преку кој ќе ја понудите произведената електрична енергија. Доколку набавувате опрема, неа може да ја добиете по помала цена (доколку се нарачува во поголеми количини) и на крај, имате луѓе што ќе се борат за вашите интереси, бидејќи тие се и нивни интереси“, се посочува во анализата.

Придобивка е и зголемената свест за рационално искористување на електричната енергија, а и помала оптовареност на мрежата. Друга можна предност на ваквиот систем, се нагласува во анализата, е дека кога ќе се отвори пазaрот на електрична енергија и за домаќинствата, електричната енергија да се дава на откупувачот, да се пребива на крај на година, колку потрошил од мрежата, колку своја, а колку дал во системот и ако заштедил, таа заштеда да му се исплати по пазарна цена.

Студијата е изработена во рамките на двогодишната програма за законодавно застапување раководена од Националниот демократски институт (https://www.ndi.org/macedonia)., „Аналитика“ беше избрана со иницијативата за измени на Законот за енергетика, со цел да им се овозможи на физичките лица без основање компанија да бидат овластени произведувачи и продавачи на електрична енергија од обновливи извори.

М.В