/ Прочитано:

1.719

АНАЛИЗА НА ХЕЛСИНШКИ: „Уставниот суд во спрега меѓу политичките интереси и човековите права“

Од Комитетот препорачуваат судиите поактивно да заземаат став за мислењата од Владата и од Собранието, да реагираат доколку се тие идентични и да биде воведено автоматско распоредување на предметите за да се отстрани секаков сомнеж дека одредени иницијативи се распоредуваат кај одредени судии, и со тоа да се зацврсти нивната независност.

Уранија Пировска и Воислав Стојановски Хелсиншки Комитет

Триесет седници на Уставниот суд на Република Македонија за време од една година и два месеци биле целта на истражувањето на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Комитетот ја набљудувал работата на Уставниот суд во пет сегменти: независноста на Судот, стручноста на судиите, непристрасноста на Судот, транспарентноста и заштитата на слободите и правата на граѓаните.

Според Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет, во односниот период Уставниот суд наместо да биде бастион за заштита на човековите права и слободи и на Уставот, тој постапувал сосема спротивно од своите надлежности.

„Промената во начинот на постапување по иницијативите што се поднесуваат до Уставниот суд започна да се забележува по промената на составот на судот, но најмногу дојде до израз по отфрлањето на иницијативата за бркањето на новинарите од Собраниската галерија за време на настаните од 24 декември 2012 година“, смета Пировска.

Според Воислав Стојановски, координатор на проектот „Уставниот суд во спрега меѓу политичките интереси и човековите права“, промената во работата на Судот се забележува и по бројот на иницијативи кои пристигнуваат до него. Во 2011 година судот примил 236 иницијативи, додека во 2015 година има намалување за 46 %, односно Судот примил 128 иницијативи, што, според Стојановски говори за намалената доверба во Судот.

„Во просек, една седница на Уставниот суд трае по еден час, односно уставните судии посветиле само 31 час за разгледување на иницијативите на јавна седница, според бројот на одржани седници во 2015, што говори за намалување на транспарентноста на Судот“, вели Стојановски.

Во анализата на Хелсиншкиот комитет наведено е дека е доведена во прашање независноста на Судот поради тоа што мислењата што ги прибавува Судот од Владата и од Собранието на РМ, како предлагачи, односно донесувачи на законите, не подлежат на никаква дискусија, иако тие се најчесто идентични, како да доаѓаат од ист центар.

Уставен суд табла на влез

Од Комитетот препорачуваат судиите поактивно да заземаат став за мислењата од Владата и од Собранието, да реагираат доколку се тие идентични и да биде воведено автоматско распоредување на предметите за да се отстрани секаков сомнеж дека одредени иницијативи се распоредуваат кај одредени судии, и со тоа да се зацврсти нивната независност.

Од Хелсиншки наведуваат дека стручноста на судиите е доведена во прашање поради начинот на кој тие пристапуваат при анализата, односно при презентацијата на иницијативата на која работат.

„Неопходно е судиите известители своите реферати детално да ги образложуваат, повеќе да се придржуваат до принципите на итност, ефективност и ефикасност при работа на предметите кои се поврзани со заштитата на правата и слободите на граѓаните, доследно да ја применуваат судската пракса и почесто да организираат јавни расправи“, се наведува во Извештајот.

Како пример за непочитување на судската пракса, Стојановски го наведе примерот кога Уставниот суд најпрво ја отфрли иницијативата за распуштањето на Собранието со одложно дејство и се прогласи за ненадлежен во врска со неа, а само неколку месеци подоцна ја прифати истата иницијатива и донесе одлука во врска со неа.

Од  Хелсиншки порачуваат судиите да не се раководат од личните ставови  при одлучувањето бидејќи тоа може да доведе до пристрасност.

„Оспорените прописи треба да се разгледуваат од призмата на тоа дали се во согласност или не се во согласност со Уставот и со законите“, се наведува во препораките.

Во поглед на транспарентноста на Судот, од Комитетот велат дека сè уште стојат на ставот дека најголемиот преседан во Уставниот суд е направен од страна на претседателката Елена Гошева кога забрани присуство на камери за време на јавните седници на Судот.

Тие препорачуваат Судот да назначи портпарол за односи со јавноста, почесто да истакнува дека има јавна седница бидејќи на нив е дозволено присуство на граѓани, но ретко кој доаѓа на седниците.

За последниот параметар по кој е набљудувана работата на Уставниот суд – заштитата на слободите и правата на граѓаните, во анализата на Хелсиншки е наведено дека бројот на вакви иницијативи е во постојан пад.

„Во своето 24-годишно постоење Уставниот суд примил 300 барања за заштита на слободите и правата на граѓаните, но прифатил само едно. Ваквиот податок укажува дека овој правен институт не е ефективно правно средство“, се наведува во анализата.

М. С.