/ Прочитано:

3.238

„Анализа на локалните програми за енергетска ефикасност во Македонија – состојби, предизвици, решенија“ — Ана Стојиловска, истражувач за енергетски прашања

Автор на трудот: Ана Стојиловска, истражувач на Програмата за енергетика и инфраструктура

Овој труд има за цел утврдување на состојбата со усвојување и спроведување на локалните програми за енергетска ефикасност, проценка на предвидените мерки, како и констатирање на позитивни примери и предизвици.

Меѓу главните наоди се дека околу ¼ од општините немаат донесено програма за енергетска ефикасност.

Најголем дел од општините кои одговорија дека немаат доставено програма за енергетска ефикасност се од Југозападниот и Југоисточниот регион на Македонија. Главни мерки во програмите се подобрување на осветлувањето и изолацијата во јавните објекти и позитивно е што овие мерки се први чекори кон решавање на локалните енергетски прашања.

Сепак, во најголем број на програми отсуствуваат мерки за темелно подобрување на греењето, поамбициозни мерки за обновливи извори и мерки за резиденцијалниот сектор. Има повеќе случаи мерките предвидени во програмите за енергетска ефикасност да не бидат спроведени поради недостаток на финансии. Неколку програми за енергетска ефикасност во однос на својата содржина и спроведување на терен се добар пример како Општина Карпош, Општина Кисела Вода и Општина Пехчево.

Генералниот заклучок е дека состојбата со донесување и спроведување на програмите е далеку од беспрекорна. Ќе бидат потребни значителни напори за подготовка на амбициозни проекти и за нивно активно спроведување. Потребно е општините кои немаат донесено програма за енергетска ефикасност да ги проучат добрите примери на програми за енергетска ефикасност и да побараат поддршка за нивна подготовка.

Општините кои во своите први програми претежно се фокусирале на подобрување на осветлувањето и на изолацијата, во следните програми треба да предложат мерки за потемелна реформа на греењето вклучувајќи и на опции за промена на енергенсот како и мерки предвидени за домаќинствата и за обновливи извори на енергија. Во случај да не можат да издвојат сопствени средства за овие мерки , треба да побараат донаторска помош.

>> Целосниот текст на трудот: „Анализа на локалните програми за енергетска ефикасност во Македонија – состојби, предизвици, решенија“