АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ НА ФЕМИЦИДИ: Потребно е фемицидот да се дефинира како посебно кривично дело
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска ја промовираше Анализата на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија. Анализата е спроведувана во периодот септември – ноември 2017 година, а ги опфаќа убиствата на жени кои се случиле во периодот од 2008 до 2016 година.
Во своето воведно обраќање Луиза Винтон, постојана координаторка на ОН и постојана претставничка на УНДП, го истакна значењето на анализата како исклучителен придонес во борбата против насилството врз жените и семејното насилство.
Таа подвлече дека со оваа анализа се покажало дека речиси секој фемицид можел да биде превениран од соодветните институции. Ако државата не дејствувала соодветно за да спречи некое насилство да се случи, тогаш одговорноста за тоа насилство не паѓа само врз сторителот, туку и врз самата држава. Во таа насока, Винтон ја истакна важноста од почитувањето и примената на Истанбулската конвенција.
Инаку, терминот фемицид означува намерно убиство на жена затоа што е жена, но пошироката дефиниција го објаснува поимот како убиство на жени и девојки поради род, тортура или мизогинично убивање на жена, убиство во име на честа, убиство насочено кон жени во контекст на вооружен конфликт, фетицид, генитално сакатење со смрт. Фемицидот во Македонија сè уште не е дел од законската рамка како посебно кривично дело и затоа се третира како обично убиство.
Според презентираните податоци, во периодот од 2008 до 2016 година во Македонија се случиле вкупно 70 убиства на жени.
„Со оглед на тоа што институциите не препознаваат податоци за фемицид, бидејќи не е дефиниран како посебно кривично дело и не е инкорпориран во Кривичниот законик, идентификувани се 54 жртви, а во 51 случај има основа за фемицид. Пристап до судските предмети е добиен за 34 од тие случаи, при што е утврдено дека 28 од нив биле фемицид или убиство на жената затоа што е жена“, беше истакнато на денешниот настан.
Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство посочи дека повеќе од 80 отсто од жртвите во земјава се убиени од страна на интимни партнери, без разлика дали е сегашен или поранешен, дали живеат во брачна или вонбрачна заедница или биле само во врска, а немале заедничко живеалиште.
„Останатиот дел се убиени од други блиски членови на семејството, како браќа и татковци, секако машки членови на семејството. Анализата покажа дека жените во Македонија можат да бидат заштитени. Сите овие убиства можеле да бидат превенирани, барем поголемиот дел, доколку се постапело соодветно и доколку се пријавеле во соодветната институција. Поголемиот дел од убиствата се извршени со пиштоли кои во најголемиот дел не биле легално поседувани, образложи Димушевска.
Таа истакна дека е загрижувачки податокот што поголемиот дел од убиствата се случиле во домот на жртвата, доколку живеела заедно со партнерот, со сторителот на убиството или, пак, доколку се водел процес на развод и не живееле заедно, се случил во нејзиното ново живеалиште, во домот на родителите или во нејзиниот нов дом, доколку живеела сама. Жените, нагласи Димушевска, ги убиваат во нивните домови, каде што всушност треба да бидат најбезбедни.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, посочи дека семејното насилство, особено од аспект на насилството мотивирано од родова омраза, односно родовата побуда како мотив, како проблем е многу повеќе од статистички бројки.
„Наша обврска е да изградиме општество кое ќе ја штити жената како столб на семејството. Што се однесува до феноменот на фемицидот, што впрочем е и главна тема на овој денешен собир, односно презентацијата на истражувањето, т.е. анализата за така мотивираните кривични дела во Република Македонија, сакам примарно да нагласам дека во нашата кривичноправна практика омразата како мотив има своја соодветна нормираност, но не во контекстот на терминолошката дистинкција што ја нуди поимот фемицид, кој тргнува од премисата за злосторство врз жената само заради тоа што е жена. Се разбира нашата правна теорија веројатно многу скоро ќе мора да се произнесе околу соодветното кривичноправно третирање на фемицидот, особено од аспект на Истанбулската конвенција што беше ратификувана од страна на Парламентот“, рече Спасовски.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека е потребно во заедничка соработка и комуникација да се превенира овој феномен и дека е важно сите надлежни во наредниот период да работат на измена на Кривичниот законик и дефинирањето на фемицидот како посебно кривично дело.
„Потребен е и посебен закон за родово базирано насилство. Македонија веќе ја ратификуваше Истанбулската конвенција и изработен е оперативен план за нејзино имплементирање, со конкретни чекори и мерки за секоја институција“, подвлече министерката, додавајќи дека институциите, центрите за социјална работа, здравствените установи и полициските станици мора детално да го разгледуваат секој случај.
M.В