/ Прочитано:

1.635

Анализа на стандардите за работнички права и нивната примена

Хелсиншкиот комитет за човекови права објави анализа на стандардите за работнички права и нивна примена во Република Северна Македонија. Автори на анализата се д-р Мирјана Најчевска, д-р Анета Цекиќ, д-р Ана Блажева, д-р Јордан Шишовски и м-р Соња Стојадиновиќ.

Анализата има цел да ги идентификува основните правци на развој на националната регулатива која се однесува на заштитата на правата на работниците, нивото на усогласеност на регулативата со прифатените меѓународни стандарди и отстапувањата на праксатa, како од позитивните закони така и од меѓународните стандарди.

„Законската регулатива не е основниот проблем во ефективната и ефикасна заштита на правата на работниците. Од формално-правен аспект, законската регулатива на Република Македонија е во согласност со конвенциите на МОТ и потребни се многу мали промени со цел потполно транспонирање на ЕУ директивите и имплементирање на Ревидираната Европска социјална повелба.

Заштитните механизми предвидени во законите се доволни, но постојат проблеми од процедурална и суштинска природа при нивното користење. Клучен недостаток на постоечкиот систем на заштита на работничките права е отсуството на соодветно информирање на работниците за нивните права и механизмите на заштита кои им стојат на располагање со цел практикување на мерките на заштита на здравјето и безбедноста при работа.

Колективните договори не ја прецизираат материјата поврзана со заштитните механизми и не им нудат на работниците разбирливи и јасни процедури за постапување во ситуациите кога треба да бараат заштита“, се вели во анализата.

Во меѓународната регулатива, се додава во анализата, се нагласува улогата којашто треба да ја имаат синдикатите во заштитата на правата на работниците. Наспроти ова, во Република Македонија синдикалното организирање е хаотично, препуштено на ад хок дејствување, без соодветна обука на синдикалните претставници, без соодветна правна поддршка и со многу ограничен домен на дејствување, посебно во превенцијата на прекршувањето на правата на работниците.

„Комплексноста и повеќеслојноста на системот на заштита на правата на работниците го прави исклучително тешко користењето на овие механизми во пракса. Република Македонија влегува во фазата на пререгулирање кога сето она што не е пропишано со закон се третира како забрането, наместо да се бараат најдобри решенија во рамките на постоечката регулатива, а не изговори зошто да не се реши конкретен проблем. Инспекторите не ги користат докрај законски дадените можности, а системот на пријавување на повредата на работничките права не е прилагоден на потребите на работниците. Дејствуваат реактивно, наместо проактивно.

Недостасува соодветна институционална поддршка на механизмите за заштита на правата на работниците, која ќе се манифестира и како институционална поврзаност и соработка со цел искористување на сите капацитети на заедницата“, се образложува во анализата, која може да се преземе на следниот линк.