/ Прочитано:

1.498

Анализа: Неопходни се законски промени со кои ќе се дефинира говорот на омраза

Говорот на омраза не е доволно јасно инкриминиран во Кривичниот законик, а обвинителството и судството имаат индифирентен однос и не постои ниту една правосилна пресуда. Токму затоа, како што се наведува во анализата, „Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говор на омраза“, неопходни се законски промени во кои ќе се содржи дефиниција на говорот на омраза.

Генералниот заклучок од анализата „Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говор на омраза“, која денеска беше презентирана на дебатата насловена: „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“, која ја организираше Македонскиот институт за медиуми, е дека говорот на омраза не е доволно јасно инкриминиран во Кривичниот законик, а обвинителството и судството имаат индифирентен однос и не постои ниту една правосилна пресуда. Токму затоа, како што се наведува во анализата, неопходни се законски промени во кои ќе се содржи дефиниција на говорот на омраза.

„Кривичниот закон во неколку членови го инкриминира говорот на омраза, но тие директно не упатуваат на говорот на омраза, туку го третираат омаловажувањето, подбивот или предизвикувањето омраза, додека Законот за аудио и аудиовизуелни услуги ја забранува употребата на говорот на омраза, но не предвидува санкции за прекршителите. Ваквата фактичка состојба не може да биде оправдување за непостапувањето на Јавното обвинителство и судството. Непроцесуирањето на говорот на омраза и неказнувањето на сторителите доведоа до состојба поединци да бидат охрабрени да го користат и шират, а жртвите на таквиот говор да немаат можност правно да се заштитат“, изјави Ненад Живановски, автор на анализата.

Адвокатот Лазар Сандев смета дека кога говорот на омраза се употребува во јавноста подолг временски период, тој потоа станува вообичаен при секојдневната комуникација.

„Сметам дека Јавното обвинителство е неактивно. Самите јавни обвинители треба сами да покренат иницијатива, бидејќи токму тие треба да ги заштитат вредностите на општеството и слободите и правата на другите. Обвинителството треба да преземе активна улога и да каже дека постои говор на омраза и дека мора да реагираат и да процесуираат“, потенцираше адвокатот Сандев.

Според Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, говорот на омраза во Македонија најчесто се употребува во политички, етнички и сексуален контекст. Таа нагласи дека само во втората половина на 2016 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрирал 136 случаи на говор на омраза на јавни настани, во медиумите или на социјалните мрежи, а како што рече, во првите 6 месеци од оваа година веќе регистрирале 46 случаи.

Дебатата што се одржа денеска е дел од проектот „РеФорМедиаМКД – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера”, финансиран од Европската Унија и спроведен од Македонскиот институт за медиуми.

А. Б.