/ Прочитано:

1.518

АНАЛИЗА Во писмата на Василевски – „Нинџа“ и наводната фантом снимка можниот мотив за ранувањето на клучниот сведок во „Детонатор“

Петок, 1 март 2013 – Судот го најде виновниoт пукач, но кој е мотивот за ранувањето на клучниот сведок во „Детонатор“, Драганчо Стоименов!? Спротивставените страни упорно тврдеа дека не постојат недоразбирања меѓу нив, а сепак едниот заврши со рана од куршум, а другите двајца зад решетки. Четирите писма што ги пишувал Александар Василевски – Нинџа и видео снимката на која наводно се гледа тепаниот Влатко Пановски – Типе, а ја спомена и второобвинетиот, се двата клучни елементи што тивко провејуваа низ судскиот процес. Од исказите на странките во постапката, во очи падна и раната на оштетениот кој според лекарското уверение настанала од горе кон доле, па се вклучи црвеното светло кога оштетениот рече дека пукачот стоел на оддалеченост од еден метар и подолу од него. Исказот на оштетениот пред судот дека Василевски пукал инстиктивно, моментално, а не нишанел кон него веројатно е еден од факторите кои влијаеа на тоа обвинителството да го преквалификува обвинението од обид за убиство во тешка телесна повреда.

Во малата судница со бројот 11 каде речиси секогаш суди судијата Љубинка Башевска, пукањето кон клучниот сведок на „Детонатор“ доживеа судски епилог , но сѐ уште на никој не му е јасно зошто Александар Василевски, клучниот сведок во „Ровер“ , пукал во Драганчо Стоименов или како што велат обвинетите, Митревски се борел со него, па куршумот случајно завршил во коленото на Стоименов. Која и да е вистинита верзија, неизбежен е фактот дека имало инцидент во кој можеше да има загубени животи. Мистеријата за пукањето можеби ќе се разрешеше доколку судот или странките во постапката посветија повеќе внимание на четирите писма што ги пишувал Василевски и наводната снимката за која зборуваше второобвинетиот Митревски. Сѐ уште е нејасно и каде е оружјето со кое е извршено пукањето во оштетениот.

Василевски додека бил во бегство и се криел во домот на неговата пријателка засегнат од ситуацијата напишал четири писма за кои зборуваше во текот на главниот претрес. Две од нив кои полицијата ги заплени, како што рече биле наменети за новинарот Зоран Божиновски и во нив тој го признава делото, како причината го наведе револтот од она што Божиновски го пишувал за него, па идејата му била наводно да го дезинформира новинарот. Содржината на останатите две писма остана мистерија, ги нема во списите на предметот како материјален доказ, а со тоа не се обелодени што пишувал Василевски, дали го раскажал мотивот, ниту на кого сакал да му ги испрати. Се знае само она што тој го тврди дека писмата биле наменети за други медиуми, а во нив наводно  ја раскажал вистината.

Другиот важен елемент за кој јавноста остана глува е видео снимката за која второбвинетиот Митревски имаше желба да зборува пред судот. Од она што малку се проговори во судот, но остана недоречено се воочи дека на снимката е претставен извесен Влатко Пановски – „Типе“, кој наводно бил малтретиран и тепан од страна на неколку лица, а како што рече меѓу тепачите бил оштетениот Стоименов. Понатаму во судницата не се елаборираше видео снимката. Според она што низ судските кулоари се зборува, наводно на снимката Пановски бил малтертиран од повеќе лица меѓу кои и Стоименов. Оштетениот го негираше постоењето на снимката, јавноста никогаш не ја виде, ниту некогаш стана предмет на истрага, но отвори прашања и се појави како можен мотив за инцидентот без разлика кој од инволвираните во постапката ја кажува вистината.

Истрагата и судската постапка дотука ги отворија прашањата што се случи кога Стоименов во почетокот на декември минатата година се враќал од тренинг. Со оглед на тоа што тој веќе неколкупати преживува инциденти во кои едвај успева да си го спаси животот, се роди дилемата кој е Драганчо Стоименов, лицето кое повеќе од една година е постојана мета на куршуми и бомби.

Во неговите сведоштва, во двата судски процеси „Детонатор“ и овој со Василевски, тој вели дека не знае зошто постојано некој се обидува да го убие. Тврди дека нема непријатели иако неколку пати му беа поставени бомби под неговиот амтомобил, а еднаш заврши со рана од куршум во десното колено. Пред судот се претстави како поранешен полицаец, спортист кој живее од спортот, со никого не е скаран, а веќе со години преживувал тортури од свои сограѓани во Кочани, сега обвинети во предметот „Детонатор“. Откако пред неколку месеци со часови ги раскажуваше страдањата од обвинетите во „Детонатор“ вчера прстот го посочи кон Василевски затоа што пукал во него. Но, од неговото детално објаснување за нивната поставеност кога се случило пукањето и раната со која се здобил, присутните во судницата се збунија, раната била од горе кон доле, а пукачот поставен еден метар подолу од него. Даде и опис на начинот како Василевски пукал, не нишанел туку го држел пиштолот спуштен до ногата, ја кренал раката во агол од 90 степени и моментално испукал. Обвинителот Зорица Павловиќ во завршните зборови го преквалификува делото, па од обид за убиство обвинетите одговараат за поблаго дело, тешка телесна повреда.

„Имаме добра и лоша вест“, рече судијата Башевска при почетокот на изрекувањето на пресудата. Почна од добрата, па соопшти дека Митревски заминува дома. Лошата беше наменета за Василевски кој останува во притвор до правосилноста на пресудата. Ниту второстепената пресуда нема да открие зошто спротивставените страни дошле до степен на пресметка со пиштоли па оттука мотивот на инцидент веројатно ќе остане тајна која ја знаат само инолвираните и кругот на нивните најблиски.


Автор: Паула Божиновски

Објавено: 01.03.2013