/ Прочитано:

1.187

Анализа за транспарентноста на тендерите во јавното здравство

Нивото на транспарентност во објавувањето информации за спроведените постапки за јавни набавки во здравствени институции бележи тренд на намалување. Ова го покажува мониторингот на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), кое во периодот од 2016 до 2019 година континуирано го следеше процесот на јавни набавки во 62 здравствени институции. Институциите за овие четири години склучиле повеќе од 18.000 договори за набавка на стоки и услуги и за извршување работи, за кои потрошиле над 300 милиони евра.

Во 2019 година најголемо намалување според обемот на објавени информации за спроведените постапки за јавни набавки се регистрирани кај Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, општите и клиничките болници, центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје. Дополнително, анализата нотира дека од година во година се намалува конкурентноста односно сèпомал број компании учествуваат на тендерите и го добиваат бизнисот што само по себе создава поголеми можности за корупција и злоупотреби.

„Народните пари што се трошат за јавни набавки се зголемуваат, но не и квалитетот на здравствените услуги коишто ги добиваат пациентите. Недостасуваат лекови и медицинска опрема, постојат долги листи на чекање кои се всушност и болно секојдневие за пациентите. Корупцијата во јавните набавки „јаде“ над шест проценти од вкупниот буџет на јавното здравство, а секој трет граѓанин има перцепција дека здравството е високо корумпирано“, вели Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ.

Една од главните препораки во истражувањето на Здружението ЕСЕ е дека е неопходно да се воведе систем за избор на компаниите кој ќе се базира на критериуми за максимизирање на резултатите и ефектите од јавните набавки при што ќе се замени најниската цена како единствен критериум. Овие препораки се базираат на меѓународните искуства од слични истражувања и анализи.

„Дури и да нема очигледна корупција, граѓаните треба да знаат дека нивните пари се трошат правилно и во корист на оние на кои им се најпотребни.  Потребите на пациентите треба да бидат приоритет заздравствените центри, клиниките и болниците . ЕСЕ ја препознава важност на гласот на пациентите, не само преку правењето детална квантитативна анализа на податоците за јавни набавки, туку исто така и преку интервјуирање пациенти за кои треба да бидат наменети набавките во јавното здравство“, вели Деби Будлендер, меѓународен експерт за родово одговорно буџетирање.

Истражувањето покажува дека најголем дел од договорите за јавни набавки се случуваат во првиот и четвртиот квартал од годината што говори дека јавните здравствени институции немаат годишен план за набавки или пак не се придржуваат до него. Забележителен е и трендот на значителна разлика помеѓу проценетата вредност на јавните набавки и сумата која реално се троши за набавка на стоки и услуги и за вршење работи во јавното здравство. Вкупните трошоци за здравство во РСМ во просек изнесуваат седум отсто од БДП што е за два процентни поени пониско во споредба со земјите од ОЕЦД. Сепак, овие трошоци континуирано растат заради староста на населението и тешките социо-економски услови во државата.

Линк до целосниот текст на анализата:

http://www.esem.org.mk/pdf/Publikacii/2020/ESE%20Vlijanie%20JavniNabavki%20102020%205.pdf