Анализа за транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки
Министерствата за внатрешни работи, за здравство, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за образование и наука биле најнетранспарентни во процесот на јавните набавки. Ова го покажува анализата за мерење на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки, спроведена од Центарот за граѓански комуникации за спроведени јавни набавки во текот на 2016 година.
Според истражувањето, четирите најниско рангирани институции трошат најголем дел од парите за јавни набавки, односно 75 проценти од вкупните средства што ги потрошиле опфатените институции. Додека седумте институции со највисока процентуална исполнетост трошат само пет проценти од вкупните средства за јавни набавки. Анализирани се 21 институција кои покажале средно ниво на транспарентност.
„Институциите се рангирани во пет нивоа. На оскудно и највисоко ниво нема ниту една институција, што значи дека ниту една институција не остварува од 80 до 100 проценти исполнетост на критериумите, ниту пак има некоја што има од 0 до 20 проценти. Сите се во средно ниво од 20 до 80 проценти. Најмногу институции има во ограниченото ниво, односно од 40 до 60 проценти исполнетост на критериумите за транспарентност на јавните набавки“, изјави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации на денешната презентација на анализата.
Според истражувањето, ниту една институција не го запазила критериумот за направена процена за потребата за набавка и контролата и следење на спроведувањето на договорите. Со анализата се опфатени министерствата, Службата за општи и заеднички работи, секретаријатите за законодавство, за спроведување на Рамковниот договор, за европски прашања и Собранието на РМ.
Идејата е да им се понуди на институциите алатка за самоевалуација колку ги запазуваат овие основни принципи во јавната набавка, а следната година оваа алатка ќе ја применат и други невладини организации што ќе ги рангираат општините.
„Тие се многу повеќе од процедура, администрација и бирократија. Поентата е да се фрли светло на ефикасноста и целисходноста на јавните набавки. Со запазување на овие принципи ќе се види дали институциите навистина го купуваат она што им треба во таа количина, во тој обем, во тој рок и дали тоа било функционално, односно дали ја извршило намената за која е купено“, истакна Филков.
Рангираните институции во 2016 година потрошиле 170 милиони евра. Вкупно биле склучиле 1 823 договори. Мотивот за анализата, како што рече Филков, е јавните набавки да се подигнат на повисоко ниво како инструмент, како нешто што треба да им служи на сите, а не само да се сведе, како што рече, на слепо купување производи и услуги за функционирање на институциите.
М.В