/ Прочитано:

1.779

Анализа за жените во руралните области: Се соочуваат со повеќе пречки отколку можности

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамките на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“, поддржан од Британската амбасада во Република Македонија, подготви Анализа на состојбата на жените во рурални средини, повеќе пречки отколку можности.

Анализата покажува каде во моментов се наоѓа Република Македонија во однос на формално-правните достигнувања во воспоставувањето на родовата рамноправност, а истовремено, преку идентификување на проблемите и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат руралните жени во процесот на остварување одредени права, покажува во колкава мера постоечките законски решенија, политики и практики им овозможуваат на овие жени еднаква достапност до образование, социјална и здравствена заштита. Воедно анализата дава препораки во кои области треба да се направат промени, на кој начин и во која насока тие треба да се движат.

„Анализата покажа дека денес животот на руралните жени во одредени средини се разликува во однос на минатото, како резултат на општествените промени кои се последица на демократизирање на општеството, како и стремежот на жената кон рамноправност, глобализацијата. Сепак, за постигнување целосна рамноправност на руралната жена во општеството, потребна е поголема економска самостојност и независност, како и поголема застапеност во политичкиот живот. Патријархалната матрица и традиционалната поделба на машко-женски улоги, особено во делот околу домот и семејството, сѐ уште се пречка во голема мера, особено во руралните средини. Жените во руралните места имаат многу мали можности за социјален живот бидејќи најчесто кафеаните или кафетериите претставуваат ‘забрането место’ за жените, а други објекти за забава и не постојат. Оддалеченоста од поголемите градови, како и непостоењето на добро организиран јавен превоз се дополнителна пречка за нивна меѓусебна социјализација на јавен простор и, како резултат на тоа, единствената опција што им преостанува се меѓусебните посети во нивните домови“, се вели во анализата.

Овие жени, се заклучува во анализата, сметаат дека државата треба да вложи дополнителни напори за изградба на градинки, училишта и амбуланти коишто ќе им го олеснат животот, а истовремено преку донесување политики за финансиска помош треба да го поттикнат развојот на руралните региони. Тие ги препознаваат и граѓанските организации, особено локалните, како моќни чинители во средините, бидејќи имаат можност поблиску и подобро да допрат до жените. Како резултат на горенаведеното, генералната констатација од истражувањето доведува до заклучок дека легислативата во Република Македонија во најголема мера ги дава можностите за развој на жените во руралните средини, но сепак постои потреба од целосно имплементирање на веќе постоечките законски регулативи и подзаконски акти.

Во еден дел е потребна и нивна измена, првенствено поради:

-Задолжување на сите училишта за водење родово поделена статистика;

-Овозможување соодветен пристап до образование на жените во руралните средини;

-Поедноставување на процедурата на АВРМ за обезбедување здравствено осигурување на невработени лица;

-Поттикнување на гинеколозите за работа во рурални средини;

-Овозможување дополнителни социјални мерки за жените во рурални средини;

-Допрецизирање на легислативата и воведување санкции за полнолетните лица коишто се во вонбрачна заедница со постари малолетнички;

-Измена на законската регулатива во насока на зголемување на старосната граница кога може да се стапи во брак;

-Воспоставување фонд за поддршка на жените во рурални средини, чии средства ќе се распределуваат на здруженија на граѓани по однапред доставени проекти и со строги евалуациски индикатори.

M.В