/ Прочитано:

1.275

АНЕВСКИ: Има многу нејасности во Извештајот на СЈО, ја чекаме Јанева во среда на седница на Советот на јавни обвинители

Иако била поканета, Јанева не дошла на седницата. Членовите на Советот денеска констатирале дека е нужно присуството на Јанева бидејќи имало голем број нејасности во Извештајот, како и проблеми што биле истакнати во отчетот на Специјалното јавно обвинителство за кои е потребно објаснување од Јанева.

petar-anevski-3.jpg

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, како непријатна вест го оцени неприсуството на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната седница на Советот на која требаше да биде разгледуван шестмесечниот извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство.

Иако била поканета, Јанева не дошла на седницата. Членовите на Советот денеска констатирале дека е нужно присуството на Јанева бидејќи имало голем број нејасности во Извештајот, како и проблеми што биле истакнати во отчетот на Специјалното јавно обвинителство за кои е потребно објаснување од Јанева.

Извештајот, потенцираше Аневски, ќе биде разгледуван во среда, на 23 март, и повторно ја покануваат специјалната јавна обвинителка да присуствува на седницата.

„Со своето недоаѓање, Јанева повторно покажува непочитување кон Советот на јавни обвинители, што се случи и на почетокот на нејзиниот мандат кога ги запираше избраните јавни обвинители да дадат свечена изјава. Ова се повторува повеќе пати и се надевам дека Јанева во среда ќе биде присутна за да даде одговор на прашањата. Тоа е нејзина должност“, изјави Аневски.

Тој потенцира дека Советот на јавни обвинители е орган пред кој специјалната јавна обвинителка одговара за нејзиното стручно и законито постапување.

Аневски вели дека Советот на јавни обвинители минатата година донел одлука со која се обврзуваат јавните обвинители да присуствуваат на презентирањето на годишните извештаи на основните и на вишите јавни обвинителства.

„Потребата од присуството е со цел Советот да не донесе заклучоци кои не се точни“, вели Аневски .

Претседателот на Советот не сакаше да потенцира за какви нејасности во Извештајот на Јанева станува збор, но вели дека сите членови имале прашања до специјалната јавна обвинителка поврзани со Извештајот.

katica janeva 1

Досега, тврди Аневски, при презентација на годишен извештај на Јавното обвинителство на Република Македонија секогаш присуствувал и јавниот обвинител Марко Зврлевски. За другите први лица во обвинителствата во Македонија, Аневски не потенцираше дали лично презентирале извештаи за работата пред Советот, но рече дека Извештајот на Специјалното јавно обвинителство бил специфичен и поради тоа било неопходно Катица Јанева да присуствува на седницата.

Од Специјалното јавно обвинителство истакнаа дека Јанева нема законска обврска да го образложува Извештајот пред Советот.

„Во Законот е наведено дека специјалната јавна обвинителка поднесува извештај, но не и дека има обврска да го образложи. Сѐ што е сработено, веќе е наведено во Извештајот. Дополнително, со присуството на Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, кој исто така е поканет на седницата, се нарушува принципот на автономија и независност на Специјалното јавно обвинителство, кој е гарантиран во Законот каде што е наведено дека ниту еден јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, вклучувајќи го и Јавниот обвинител на Република Македонија, не може да влијае врз неговата работа или да бара извештаи поврзани со предмети од јавниот обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното обвинителство“, велат од СЈО.

Иако беше поканет да присуствува на денешната седница на Советот на јавни обвинители, јавниот обвинител Марко Зврлевски не беше присутен.

М.С.

СЈО: Јанева нема обврска да го образложи Извештајот пред Советот на јавни обвинители и пред Собранието