Ангела Меркел: Забраната за мотори со внатрешно согорување е вистински чекор и за Германија
Овој став на Меркел следува како резултат на сè поголемиот притисок од страна на регулаторните органи врз германските автомобилски компании, пред сè, поради употребата на уредите за прикривање на реалните нивоа на емисии на гасови од дизел моторите. Таа додаде и дека Германија во наредните години би требало да се фокусира на изградба на станици за полнење на батерии, како и изградба на потребната инфраструктура за возила на електричен погон на територијата на цела Германија, пред сè, поради фактот дека во Германија автомобилите на електричен погон стануваат секојдневје на патиштата.
И покрај компромисното решение за намалување на емисиите на штетни гасови од дизел автомобилите во Германија, кое на почетокот на август го постигна германската Влада со автомобилските компании, сепак во екот на предизборната кампања канцеларката Ангела Меркел изјави дека забраната за мотори со внатрешно согорување е вистински чекор и за Германија.
„Исто како и некои други земји, тоа треба да го направи и Германија“, изјави канцеларката Ангела Меркел во интервју за неделникот „Суперилу“.
Овој став на Меркел следува како резултат на сè поголемиот притисок од страна на регулаторните органи врз германските автомобилски компании, пред сè, поради употребата на уредите за прикривање на реалните нивоа на емисии на гасови од дизел моторите.
„Не сакам да прецизирам конкретна година“, истакна Меркел, продолжувајќи ја изборната кампања по тринеделниот одмор, нагласувајќи притоа дека плановите на Велика Британија и на Франција целосно да ги забранат возилата со внатрешно согорување до 2040 година претставуваат исправен чекор.
Инаку, на почетокот на предизборната кампања пред два дена, Меркел изјави дека земјата сè уште има потреба од бензински и дизел мотори. Но, притоа ги повика шефовите на автомобилските компании во земјата да бидат искрени во иднина и да направат сè што е можно за да ја обноват довербата, особено по обелоденувањето на аферата „Дизелгејт“.
Осврнувајќи се на ова прашање, германската канцеларка во текот на викендот во Дортмунд изјави дека германската автомобилска индустрија ќе мора да најде начин да ја поврати довербата, а тоа, како што нагласи, би можело да се случи така што компаниите ќе понудат поволности преку програмата „Старо за ново“, како и преку инсталирањето нов софтвер за намалување на штетните гасови.
„Потрошувачите кои беа изманипулирани мора да добијат позитивни резултати од емисиите на гасови во животната средина“, нагласи Меркел.
Таа додаде и дека Германија во наредните години би требало да се фокусира на изградба на станици за полнење на батерии, како и изградба на потребната инфраструктура за возила на електричен погон на територијата на цела Германија, пред сè, поради фактот дека во Германија автомобилите на електричен погон стануваат секојдневје на патиштата.
Во меѓувреме, за да останат на работа околу 800.000 работници во автомобилската индустрија, германските компании веќе почнаа да инсталираат нов софтвер поради зголемување на ефикасноста на системот за пречистување на штетните гасови и намалување на нивоата на загадување од азотен оксид за 25 до 30 отсто.
Исто така, на почетокот од овој месец, автомобилските компании се согласиле да дадат финансиски придонес на фондот за „одржлива мобилност“, кој би требало да им помогне на германските градови во намалување на загадувањето на воздухот.
А. Б.