/ Прочитано:

1.526

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Пред мене стои предизвикот за успешна и независна монетарна политика

Анита Ангеловска-Бежоска, новиот гувернер на Народната банка на Република Македонија, денеска даде свечена изјава во Собранието на Република Македонија.

„Пред мене стои предизвикот за продолжување со спроведување на успешна и независна монетарна политика во насока на остварување на законски гарантираните цели на Централната банка, а тоа се: ценовната стабилност, за која сметаме дека е најдобриот придонес што може да го даде во општеството, и тоа преку стратрегијата на одржување стабилен девизен курс на денарот, потоа одржување на банкарската стабилност, стабилноста на банкарскиот систем, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија и дополнително поддржување на општите економски политики во нашата економија“, истакна Ангеловска-Бежоска по давањето на свечената заклетва.

Анита Ангеловска-Бежоска е првата жена гувернер на НБРМ. На новата позиција доаѓа од местото вицегувернер на НБРМ. Бежоска докторирала на Економскиот факултет во Љубљана, а постдипломски и додипломски студии завршила на Економскиот факултет во Скопје. Работела во Министерството за финансии, Меѓународниот монетарен фонд и во Народната банка на РМ.

Во Законот за Народната банка на Република Македонија се пропишува дека „Гувернерот ја претставува Народната банка;  ги спроведува монетарната и политиката на девизен курс, како и другите политики во согласност со интерните правила и одлуки на Советот на Народната банка;  одговорен е за извршување на одлуките на Советот на Народната банка и за контролата на управувањето и работењето на Народната банка; ги регистрира системите за плаќање, порамнување или клиринг во согласност со Законот за платен промет; одлучува за издавање на дозволи и согласности за финансиски институции и ги одзема издадените дозволи и согласности, во согласност со закон; презема мерки кон банки и други финансиски институции кои се предмет на супервизија на Народната банка или кон системите за плаќање, порамнување или клиринг, во согласност со овој или со друг закон и врши други работи кои со овој закон не се утврдени во надлежност на Советот на Народната банка.“

М.В