/Прочитано:

223

 Ангеловска-Бежоска претседаваше со сесија на конференција на Холандската централна банка  

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на конференцијата на високо ниво „Влијанието на енергетската транзиција врз нашите економии и финансискиот сектор – предизвици и можности“, којашто минатата недела ја организира Холандската централна банка. На овој многу значаен настан којшто се одржа во Амстердам, учествуваа гувернери и заменици на гувернери на централни банки, вклучително и вицегувернерката Емилија Нацевска, како и високи претставници на меѓународни финансиски институции и професори на реномирани истражувачки и универзитетски центри од Европа.

Во рамки на конференцијата се одржаа три тематски сесии од кои една беше посветена на енергетската транзиција, којашто е неопходна заради справување со глобалните климатски промени, и ефектите од транзицијата врз реалната економија, а преку тоа и врз финансискиот систем. Во овој контекст се разговараше за предизвиците со кои можат да се соочат централните банки од аспект на одржувањето на финансиската стабилност и спроведувањето на монетарната политика, како и за активностите коишто централните банки би можеле да ги преземат заради поддршка на овој процес. Притоа беше разгледана и потребата за одржливи извори на финансирање на енергетската транзиција и улогата на меѓународните финансиски институции и институционалните инвеститори во овој сегмент. Со оваа сесија претседаваше гувернерката Ангеловска-Бежоска, а учесници беа и глобалниот директор на Светската банка за макроекономија, трговија и инвестиции, Марчело Естевао и Елој Линдејер, претставник на ПГГМ – организација којашто управува со повеќе пензиски фондови со портфолио од околу 252 милијарди евра.

Поканата упатена до гувернерката Ангеловска-Бежоска да претседава со оваа сесија на значајната конференција во Амстердам е уште една потврда на успешното етаблирање на Народната банка во централнобанкарската заедница.

 Гувернерката го искористи своето учество на конференцијата организирана од Холандската централна банка и за да оствари повеќе средби со колеги од Европа, во кои акцентот беше ставен на продлабочување на соработката, како и на повеќе актуелни прашања за европската економија. 

M.В