Ангеловска: Технологиите се решение за борбата против корупцијата
Преку спроведување на конкретни мерки и политики за сузбивaње на сивата економија, ќе работиме на подобрување на наплатата на приходите, како и преку инкорпорирање на технологијата во процесите. Ова го истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска, одговарајќи на прашање како до раст на буџетската приходна страна, на панел-дискусијата на конференцијата на Уникредит, која се одржува денеска во Виена, Австрија.
Ангеловска истакна дека забрзано се работи на акциски план за сузбивање на сивата економија и посочи дека со ефикасно адресирање на неформалната економија, наплатата на даноците може значително да се подобри – само кај ДДВ може да се очекува потенцијално зголемување на наплата за 1% до 2% од БДП.
„Еден начин да се подобри наплатата на приходи е адресирање на сивата економија со конкретни мерки и активности. Во моментот развиваме акциски план. Министерството за труд и социјална политика има Стратегија за сузбивање на сивата економија. Има одделни мерки и во Министерството за финансии, во УЈП и во Царинската управа. Сепак, ова е клучен приоритет и затоа создаваме посебен наменски акциски план во Министерството за финансии. Акцискиот план вклучува различни мерки, од инспекции и зајакнување на капацитетите на институциите до меки мерки, по примерот на МојДДВ и МoјДДВ #МојаНаграда, кои даваат одлични резултати. Покрај тоа, додаваме нов, посебен сегмент кој се бори со сивата економија во е-трговијата. Друг начин да се мобилизираат повеќе приходи е со примена на технологиите во процесите. Технологиите се решение за борба против корупцијата, за зголемување на ефикасноста на даночниот систем и за автоматизирање на процесите“, рече Ангеловска.
На панелот, на кој учествуваа и министерот за финансии на Романија, Флорин Ситу, и Ден Букса, главен економист за Централна и Источна Европа на Уникредит, се зборуваше и за очекувањата за економски раст во земјите од регионот. Министерката за финансии истакна дека Република Северна Македонија ги натфрлила проекциите за раст на Меѓународниот монетарен фонд, и покрај тоа што Фондот во 2019 година два пати ја зголемувал проекцијата за раст за земјава. Таа посочи дека годинава се очекува раст на економијата од 3,8%.
Ангеловска рече дека е подобрена реализацијата на капиталните инвестиции, која во 2019 година изнесува 78% од проектираното, додека реализацијата на инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта изнесува 85%.
„Со Буџетот за 2020 година издвоивме 385 милиони евра за капитални инвестиции, што претставува 3,2% од БДП и 10% од јавните расходи. Ова е над европските таргети, односно јавните инвестиции во Европската Унија учествуваат со 2,7% од БДП и 6% од јавните расходи. Исто така, преку Јавното претпријатие за државни патишта се издвоени дополнителни 195 милиони евра за инвестиции во патната инфраструктура. Тоа се 580 милиони евра капитални инвестиции“, рече Ангеловска.