„Анима мунди“: Изречена казна против лицето што го уби бездомното куче во Дебар Маало
Од „Анима мунди“ информираат дека врз основа на пријава што ја поднеле во Агенцијата за храна и ветеринарство против лицето што го уби бездомното куче, констатирано е најгрубо кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните. Врз основа на востановеното дело на сторителот, посочуваат од „Анима мунди“, од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство му е изречена мерка за наплата на глоба од 800 евра, која е исплатена.
Од „Анима мунди“ информираат и дека за случајот во тек е кривична постапка. „Од Основното јавно обвинителство бараме сторителот да одговара по повеќе кривични основи – мачење животни, предизвикување јавна опасност, со што инсистираме да заврши во затвор, без можност за олеснителни мерки.“
„Само преку најстрого санкционирање на садистите во нашата држава, Македонија може да стане цивилизирано и безбедно место за живеење, како за луѓето така и за животните“, посочуваат од „Анима мунди“.
Во мај оваа година, Секторот за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 45-годишниот С.Х. од Скопје за кривично дело мачење животни.
„На 29 април годинава, околу 18.30 часот на улица ‘Пиринска’ во близина на угостителски објект, откако претходно таткото на пријавениот се пожалил дека е каснат од куче, тој од својот двор зел мала секира и метална шипка, излегол надвор и откако го забележал, му се доближил на кучето и му задал еден удар со секира и повеќе удари со метална прачка во пределот на главата и од ударите го повредил кучето, го изложил на непотребни маки и нанесени болки кои резултирале со последица смрт“, информираа за случајот од МВР.
Во член 233 од Кривичниот законик, кој се однесува на кривичното дело мачење животни, се вели дека тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
М.В