/ Прочитано:

2.524

„Анима мунди“: Кривична казна од 60.000 денари за лицето што уби бездомно куче во Дебар Маало

„Анима мунди“ објави решение на Обвинителството за кое посочуваат дека е исход од кривичната пријава која ја поднеле против лицето што го уби бездомното куче во Дебар Маало.

Од „Анима мунди“ информираат дека убиецот на кучето во Дебар Маало е казнет парично во износ од 60.000 денари кои Обвинителството го обврзало да ги уплати за хуманитарни цели на сметка на „Анима мунди“, а со цел укажување на помош на животни.

Посочувајќи на решението на Обвинителството, од „Анима мунди“ велат дека исходот е таков бидејќи Липски признал вина, искажал каење, никогаш претходно не бил осудуван и извршил уплата по налог на ОЈО, при што со оваа казна доби олеснувања во кривичната постапка.

Од „Анима мунди“ велат дека не се задоволни со ваквата казна и дека за нив би било праведно убиецот на кучето да добие казна затвор. Свесни сме, додаваат од „Анима мунди“, дека обвинителот ангажиран на овој случај сторил сè што можел, искористил и дискреционо право наместо во Буџетот на РМ средствата да бидат наменети во хуманитарни цели, за животните.

„Овие средства за нас се фонд на Идриз, кои ќе бидат искористени за итни случаи во негово име, а сликите и итните случаи ќе бидат одбрани јавно. Идриз да спаси други, зашто Идриз не можевме да го спасиме. Можеби судот завршил со убиецот, но ние не. Липски ќе биде засекогаш обележан како убиец, кој, пред сè, е казнет со осудата на целата македонска јавност, кој успеавме да го казниме финансиски со вкупен износ од 1.800 евра, кривично и според Законот за заштита и благосостојба на животните“, велат од „Анима мунди“.

Во јуни оваа година од „Анима мунди“ информираа дека врз основа на пријава што ја поднеле во Агенцијата за храна и ветеринарство против лицето што го уби бездомното куче, констатирано е најгрубо кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните. Врз основа на востановеното дело на сторителот, посочуваат од „Анима мунди“, од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство му е изречена мерка за наплата на глоба од 800 евра, која е исплатена.

Во мај оваа година, Секторот за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 45-годишниот С.Х. од Скопје за кривично дело мачење животни.

„На 29 април годинава, околу 18:30 часот на улица ‘Пиринска’ во близина на угостителски објект, откако претходно таткото на пријавениот се пожалил дека е каснат од куче, тој од својот двор зел мала секира и метална шипка, излегол надвор и откако го забележал, му се доближил на кучето и му задал еден удар со секира и повеќе удари со метална прачка во пределот на главата и од ударите го повредил кучето, го изложил на непотребни маки и нанесени болки кои резултирале со последица смрт“, информираа за случајот од МВР.

Во член 233 од Кривичниот законик, кој се однесува на кривичното дело мачење животни, се вели дека тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

М.В.