/ Прочитано:

2.962

„Анима мунди“ подготвува иницијатива за измени на Законот за ловство

Здруженијата реагираат и поради сè поголемиот број случаи на застрелани животни за време на ловостој. Ироничен е фактот дека ловците сами се откриваат преку објавување фотографии на социјалните мрежи како доказ за заловениот плен. Нивното оправдување пред инспекторот за лов, секако, доколку некој претходно ги пријави, е дека сликата не е нова, односно дека датира од ловниот период. Дополнителен проблем е ловокрадството кое, според здруженијата, е широко распространето. Се убива дивеч којшто е под заштита, како што се мечката и рисот, се заловува мајка со младенчиња, се крадат ретки видови гнезда, а потоа се чуваат дома како домашни миленици. Токму затоа, „Анима мунди“ подготвува иницијатива за измени на Законот за ловство.

Мечка

Фотографиите на кои се гледа како насмеани лица гордо стојат над застрелани животни се едни од најсподелуваните на социјалните мрежи. Здруженијата чиј главен интерес е заштитата на животните  предупредуваат дека ловот кај нас излегува од контрола, а тоа може да доведе до несогледливи последици. Ситуацијата ја споредуваат со онаа во Албанија од пред неколку години кога беа уништени цели екосистеми. Крај на неконтролираното убивање бил ставен дури откако ловот бил забранет како спорт. Здружението „Анима мунди“ подготвува слична иницијатива. Преку неа ќе побараат измена на речиси сите одредби на Законот за ловство. На овој начин би се забранил спортскиот лов во Република Македонија како прва фаза до целосна забрана на ловот.

Многу работи се спорни, вели адвокатката на „Анима мунди“ Наталија Радивојевиќ-Миленкова, но особено е апсурден фактот дека Законот овозможува востановување ловишта со посебна намена, на површините на националните паркови каде што живеат заштитени животни кои се на работ на  истребување, како на пример мечката, рисот, белоглавиот орел… Според здруженијата, нивното ловење е забрането со закон, но на овој начин овие животни се доведуваат во еднаква положба со останатиот дивеч.

Спорен е, вели Миленкова, и начинот на функционирање на ловиштата кои, според членот 28 од Законот за ловство, ги востановува Владата на Република Македонија во согласност со просторниот план.

„Концесионерите на ловиштата таму ги одгледуваат и ги размножуваат животните со цел подоцна да ги пуштат во природа питоми, со стекната доверба кон човекот, за потоа да бидат свирепо убиени како лесен услов“, вели Миленкова.

Здруженијата реагираат и поради сè поголемиот број случаи на застрелани животни за време на ловостој. Ироничен е фактот дека ловците сами се откриваат преку објавување фотографии на социјалните мрежи како доказ за заловениот плен. Нивното оправдување пред инспекторот за лов, секако, доколку некој претходно ги пријави, е дека сликата не е нова, односно дека датира од ловниот период.

Дополнителен проблем е ловокрадството кое, според здруженијата, е широко распространето. Се убива дивеч којшто е под заштита, како што се мечката и рисот, се заловува мајка со младенчиња, се крадат ретки видови гнезда, а потоа се чуваат дома како домашни миленици.

„Сведоци ги пријавуваат овие случувања, но потоа се плашат повторно да го кажат она што го виделе и да ги посочат виновниците пред инспекторите“, велат од „Анима мунди“.  

Слично искуство има и Здружението за заштита на бувови – МОТ (Macedonian  Owl  Trust). Тие регистрираат сè поголем број случаи на продажба преку оглас на интернет на ретки видови птици кои се речиси пред истребување, како што се: некои видови бувови, орли и мршојадци. Подеднакво често овие видови стануваат и плен на криволовство, кога исто така заради продажба се крадат од гнездата.

„Има многу примери кога ретки видови птици ги застрелуваат лица кои потоа велат дека тоа го направиле само затоа што сакале да ги видат одблиску“, вели Боби Арсовски од МОТ.

Како последен во низата примери на ваков неодговорен однос тој ја посочува организираната хајка на јастреб глувчар од пред неколку месеци, на потегот меѓу Гостивар и Тетово. Иако станува збор за редок вид птица, биле застрелани 30 единки.

„Ако продолжиме со ваков интензитет на криволовство, ни се заканува уништување на загрозените видови птици“, предупредува Арсовски.

Во слична насока се и укажувањата на здружението „Анима мунди“. Според нив, вака поставениот Закон предизвикува уништување на низа животински видови.

„На тој начин се уништуваат едни екосистеми за сметка на други, односно се  зголемува популацијата на некои животински видови, а популацијата на други видови се намалува или буквално исчезнува, со што се нарушува рамнотежата. Со тоа се нарушува и природната средина на човекот“, велат од „Анима мунди“.

Со Законот за ловството  се уредуваат одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови. Според Зоран Вуиќ, виш инспектор за ловство, Законот го регулира и начинот на стопанисување со ловиштата, како и ловењето таму. Доколку некој сака да стане ловец, претходно мора да стане член на ловечко друштво, а концесионерите на ловиштата се обврзани да ловат според ловно-стопански услови кои се запишани во 10-годишни планови. 

„Тоа практично значи дека има ограничувања во однос на бројот на животните кои можат да ги заловат бидејќи во спротивно може да се наруши бројната состојба“, вели Вуиќ.

Лицата кои стопанисуваат со ловиштата се обврзани да изготват и едногодишни планови. Тие зависат од многу услови, како на пример од временските прилики. Така на пример, во зима, кога има големи снежни наноси, треба да се намали бројот на застрелани животни. Според Вуиќ, редовно се контролира начинот на кој се стопанисува со ловиштата, и во овој дел има само мали отстапки. Главен проблем се криволовците. Самиот концесионер е обврзан да ангажира ловочуварска служба која ги  контролира сите кои ловат на територијата на ловиштето. Ловочуварот има право од лицето да побара дозвола за ловење, а доколку не ја поседува, веднаш треба да му ја одземе пушката. Потоа се поднесува пријава до Инспекторатот за шумарство и ловство. За ова е предвидена казна од 1 500 евра, а овој износ може да се намали за половина доколку сторителот се согласи на порамнување. Покрај ова, барање за отштета поднесува и концесионерот.

Казните се особено строги кога се лови во период на ловостој. Освен што треба да платат парична казна, овие лица се гонат и кривично, а предвидена е и казна затвор до 3 години. На ист начин се казнува и убивањето дивеч кој е под трајна заштита (рисот, дивата мачка, мечката, јазовецот…) или застрелување мајка со младенчиња. Според Вуиќ, досега никогаш не била изречена казна затвор.

Како дилема останува законската можност да се лови дивеч во националните паркови. Одредени зони од националните паркови се прогласени за ловишта, каде што ловењето се реализира исто така според однапред утврдени планови.

„Сè е легално, но прашање е дали е легитимно, со оглед на тоа што станува збор за национални паркови чиј статус треба да биде строго дефиниран“, велат од Инспекторатот.

Според инспекторите, она на што во иднина треба да се работи е доследно почитување на Законот во пракса. Подеднакво треба да се јакне свеста на луѓето за важноста на зачувување на бројноста на животинските видови, особено на оние пред истребување. Преку едукацијата треба да се посочи и потребата од хуманост бидејќи Законот забранува ловење со стапици, со лепила, со чад, со затруена храна, ловење за време на временски непогоди… За жал, кај нас овие случаи не се реткост.

А. Б.